БРАНКО ВАРОШЛИЈА. ПОСЛЕДНИОТ ЛЕТ НА ПТИЦАТА СЕЛИЦА П Р О Л О Г (Свети Трипун) Беше скоро десет часот претпладне кога влезе Мате во поплочениот двор на малиот, стар параклис, кого овде сите од којзнае какви причини го викаа манастирче. Службата за добриот светец Трипун беше завршена и сега мирните христијани земаа крстена вода што попот им ја делеше во дворот од големиот бакарен сад, безмилосно прскајќи ги верниците со големата киска босилек, претходно обилно натопена во студената вода. Мате одеше поднаведен, зашто со едната рака го водеше малиот, кој постојано се тргаше да се откачи некако од неговата широка и тврда шепа, во која детската рака се чувствуваше неудобно, како да е во менгеме. На рамото од истата таа рака му беше обесена сината, спортска торба од импрегнирано платно, во која беше картата со вино и јадењето, а во другата го носеше кафезот со птицата, незгоден за носење, зашто беше завиткан со една стара церада, па изгледаше како сандак од солидна големина. На сето згора, малиот најде дека сега е згодно да започне со своите прашања, а покрај тоа постојано се тргаше. Навистина дискретно и како случајно, но сепак се тргаше, што сè заедно, всушност, значеше неубав почеток на еден Свети Трипун, празник што Мате од детство го сакаше и кој најпечатливо го потсетувше на родителите што рано ги загуби. Затоа, кога влегоа во дворот на параклисот, Мате му рече на малиот: „Престани сега да дрдориш и да се тргаш“, и за едно чудо, малиот го послуша. Дворот беше полн со стари луѓе и жени и Мате мнозина од нив познаваше. Тоа беа сопственици на лозја, добри, старовремски луѓе и речиси сите што го знаеја сакаа некако да му покажт дека го почитуваат и тој знаеше дека тоа е всушност поради сеќавањето за неговите родители и поради неговото редовно доаѓање на Свети Трипун во параклисот, како и поради неговата очигледна приврзаност за старото лозје на ридот. Мате се поздрави со тие што ги познаваше, а некои се обидуваа и да поразговараат со него. Едно старче со мустаќи изгорени од тутунов чад, му подаде дебела, виткана цигара во хигиенска книшка. „Ваква блага зима не се помни од Уриетот“, рече старчето продолжено гледајќи го в очи, како да очекува од Мате да си спомни за зимата во Уриетот. „Да“, рече Мате, „многу одамна не се помни олку блага зима.“ Старчето остана наполно задоволно. Внатре во параклисот, освен неколку икони од средината на минатиот век, немаше ништо вредно, но Мате влезе за да ги види уште еднаш и да запали свеќа како што правеше некогаш татко му. Во неголемата просторија, осветлена од стотини свеќи, имаше само една старица што на денешен Свети Трипун се молеше пред иконата на Богородица, што добриот светец, ако беше добро нацврцкан, мо-жеше да ѝ го земе и за навреда. Тоа беше една од оние икони што го интересираа Мате, но тој не се упати таму, зашто во еден момент му се стори дека старицата всушност е потоната во блажена дремка. Запали свеќа и одеднаш го почувствува тешкиот мирис на восок и темјан, кој нагло го омамуваше. Се сврте кон вратата. Таму, во едниот крај на белиот правоаголник, детето чепкаше во торбата, постојано гледајќи кон внатрешноста на параклисот. Но тоа не можеше да види дали Мате ја следи неговата работа, зашто светлоста на свеќите сепак беше послаба од онаа на денот. Мате се насмевна. Секогаш неконтролирано му излегуваше по целото лице таа насмевка кога го чувствуваше детето, само него. Така и сега. Застанат меѓу пламенот на свеќите и омамен од мирисот на восок и темјан, загледан во белиот правоаголник на денот, порабен со црното дрво од вратата, тој го чувствуваше само своето дете како изнуркува од таа чудесна светлина. Малиот најпосле го измолкна шишето од торбата и полека, како виновник, се упати кон попот. Мате веќе не можеше да го види. Иако не се чувствуваше добро среде свеќите и оџагарените очи на лошо насликаните светци, не сакаше да му ја растури авантурата на детето, па почека додека тоа не се врати. Детето сега поспретно го врати шишето во торбата и, навидум мирно, зачека да излезе Мате. „А сега, сине“, рече Мате, „да земеме крстена вода“, и бурична во торбата. Малиот трепереше од возбуда. Кога го извади шишето, Мате направи гримаса на вчудоневиденост. Детето се смееше со својата ситна, ѕвонка смеа. „Да, да“, црцореше во близина она старче, „од Уриетот ваква блага зима немало. Не е чудо, по некој ден, и ластовичките да ни дојдат.“ „Вчера видов расцутено дрво“, рече некој. „Ова не се помни од Уриетот“, црцореше старецот. За средината на февруари денот беше навистина необичен, особено овде, на ридот. Долу беше градот, прошарен со магла, а овде, иако не се гледаше сонцето, беше светло и топло. Ридот дишеше и му ја праќаше маглата на градот. Додека ја врзуваше тор-бата, меѓу чистите плочи од бел мрамор, Мате ги забележа првите китчиња бледозелена трева. „Ова ќе биде година“, се одушевуваше во бли-зина стариот. Ќе биде за грозјето“, рече друг, „но само од грозје не се живее. Мајко божја, ако удри некоја суша.“ „Не се зборува така на Свети Трипун денешен“, се налути старецот. „Е-ех, така е кога ќе се остари наполно ...“ Мате беше готов за поаѓање. Се натовари и го предупреди малиот дека има сам да се иокачи до лозјето. Детето токму тоа и го сакаше. Вети дека до лозјето нема да поставува никакви прашања. На недолгиот пат до старото лозје, Мате сакаше да биде како својот син и секогаш лесно успеваше во тоа, зашто сеќавањата за татко му оживуваа брзо, наметливо, пластично. И тој почнуваше да се чувствува лесен во нозете како никогаш, кога потрчуваше пред големата сенка на татко му. Патчето водеше по блага стрмнина, а лево и десно од него беа лозјата. Само на едно место го сечеше голем дол, по целата должина засаден со млади борови. Требаше да се оди извесно време по таа стрмна беспатица, па да се излезе на друга, козја врвица, но Мате не го крена детето в раце, како што и него не го креваше татко му. По долот течеше бистар поток и тој само внимаваше да не почне низ него да гази детето. Во долот воздухот беше уште потопол и мирисаше на боровина. Од никаде не достасуваше никаков глас, само водата играше со светлината во некаков невино страстен ритам. Иако со церадата наполно скриена од светлината, птицата се вознемири и почна да прета во кафезот. Птицата беше една од малите приказни на Мате, по кои тој се разликуваше од своите врсници. Уште од дедопрадедо, неговите се занимаваа со тој начин на ловење. Држеа во кафез женска потполошка, која цела зима во собата тагуваше по топлите краишта каде што се селеа јатата. Кога ќе дојдеа напролет потполошките, ја завиткуваа во веленца со денови да не види светлина. Потем ја носеа на лозје и поставуваа примки. Кога ќе видеше светлина и зеленило, птицата со часови пееше, намамувајќи ги во примките машките што долетуваа во јата. Мате продолжи со тој начин ловење иако законските прописи предвидоа мошне остри казни. Колегата од спортската рубрика, кој имаше чир во стомакот, не без горчина велеше дека неговата приврзаност за лозјето, за потполошките, како и неговото недамнешно спортско минато, се џиџиња на неговата личност, што ги привлекуваат глупите женски, притоа покажувајќи со глава кон вратата што водеше во дактилографското биро. Мате се насмевна при мислата дека сега тој со онаа горчина во гласот им објаснува на другите зошто го нема на работа. Но тој не сакаше да мисли на тоа, градот и редакцијата му беа далеку зад грб, сега постоеше потокот и неговата игра со светлоста, постоеше боровината, вознемирената птица во неговата рака. Најпосле се искачија на врвицата што водеше кон лозјето и сега долот остана под нив. Одовде се гледаше градот со безличните многукатници и со црните покриви од остатоците на старата архитектура во која имаше и фантазија и топлина. „Да не се умори, сине“, рече Мате и како во некој полусон се задржа во него впечатокот дека тоа го изговори всушност татко му. Тој доброволно ѝ се предаде на играта на тој светол полусон. „Не сум уморен, да одиме и да запалиме голем оган“, го чу тој својот глас, каков што беше пред повеќе од дваесет години. Гласовите продолжуваа: „Да се одмориме малку ако сакаш.“ „Не, да одиме.“ Земјата наоколу беше црна и набабрена, влажна. Пупките на дрвјето по лозјата беа пред распукување. Во едно лозје Мате виде кајсија во цут што на претпладневната светлина изгледаше како грамадна топка од пена што секој момент ќе се распадне во безброј сјајни пулејќи. Во некои од лозјата веќе чадеа огнови и луѓето му дофрлаа по некој збор на Мате. Некој се пошегува со неговиот изглед. „Опцуј го“, рече детето. „Опцуј го ти“, одговори Мате. „Нема да удриш по уста“, рече детето. „Нема.“ Детето слатко опцу и нагло се засрами. „Така треба“, рече Мате. „Сигурно, кога е безобразен“, одговори детето, но очигледно беше дека му е незгодно дека си дозволи да опцуе пред Мате. Кога стасаа близу до лозјето, Мате сакаше да провери дали знае детето каде се наоѓаат. „Има уште многу да одиме“, рече Мате. „Мене не ме лажеш“, рече малиот. „Ене ја колибата.“ Тоа беше лозје меѓу малкуте на овој рид, па и во цела Македонија. Беше од старата лоза, лисичина, два и пол декари црна, инаетчиска македонска земја што успеа да ѝ го покаже задникот на филоксерата. Старите лозари, во гроздобер, покажуваа на неговите корени со прст. „Ова грозје дава вино без разни ливанта“, велеа тие, И така беше. И во лоша година на лаченото не му гинеа дванаесет малигани, но виното, и покрај силината, не беше тешко за пиење. Мате влезе во лозјето со чувство на гордост, иако неговите прачки не беа високи како во соседните лозја. Детето веднаш потрча кон колибата и се обеси на големата квака од ковано железо. Колибата беше многу стара и со сламен покрив и никогаш не беше заклучена. Мате често помислуваше да ја поправи, но досега не најде време. Не ја заклучуваше, зашто не веруваше дека некој може да ги украде малкуте вредни работи во неа – три стола и маса од груба дабовина и старински миндер на кој можеа удобно да лежат двајца. Детето скокаше по колибата сè додека не го повика Мате кај себе. Сакаше да му покаже како се зарежуваат лозите. Малечкиот тоа очигледно го интересираше. Мате зарежа три прачки и секоја од нив ја потураше со вода од шишето и со вино од картата. На застоениот снег, околу коренот на лозите, остануваа темноцрвени ружи. „А сега, сине, да собереме дрва за оган“, рече Мате. Потоа одбра згодно место на една неголема чистина меѓу лозите и почна да пали оган. Откако долго црцореа и чадеа, влажните прачки најпосле пламнаа, а по нив и дебелите трупци што ги имаше засолнато Мате уште при гроздоберот. Главната работа беше завршена, огнот веќе не чадеше и сега Мате ја распосла наземи церадата со која беше завиткан кафезот. Светлината на топлиот зимски ден птицата ја дочека збунето, стаписано. Набргу потоа, таа почна да скока по кафезот, потем се смири на горната преграда, го истегна вратот пругоре, кон светлото небо без сонце, и ја започна својата невесела песна со длабоки грлени звуци. Детето се заигра по лозјето, а Мате најпрвин удобно се намести на церадата, потем ја отвори картата и повлече неколку добри голтки. Ја истри со ракавот од виндјакната устата, како што правеше татко му, и рече, настојувајќи успешно да го имитира неговиот длабок глас: „Запомни, сине, човек што не е во состојба на Свети Трипун да испразни ваква карта и здрав и прав да си појде дома, бадијала носи панталони.“ А картата имаше здрави три оки. Потем пак отпи и рече: „Ако не наѕре потоа под здолниште, резил за виното“. „Што?“ рече детето. „Ништо, уште не е тоа за тебе.“ Потоа ја одврза торбата и на однапред изделканите прачки надена парчиња месо. Огнот уште фрлаше пламења, па месото требаше да чека додека да се направи жар. Се поднамести на церадата, запали цигара и пак повлече од картата. Откај источната страна на лозјето се простираше каменеста голина во должина од некои стотина метри. Потоа пак почнуваше лозје, целото од добар ризлинг, а насреде се белееше нова куќа од камен. Погледот на Мате сега беше свртен натаму. Но во лозјето, иако беше скоро пладне, немаше никого. Зад лозјето пак почнуваше голема голина што ја викаа Цигански Лозја, зашто од памтивека на Свети Трипун тука се собираа Циганите со своите зурли, тапани и тарабуки, да го прослават денот на светецот што најмногу ѝ одговараше на нивната весела природа. Тие и сега беа таму и Мате можеше во шаренилото од нивната облека да ја види мешлестата бочва, што само со таинствената помош на свети Трипун можела да биде искачена среде Циганските лозја. Набрзо отаде одекнаа зурлите и татнежот на тапаните и тарабуките и Мате со насмевка ја гледаше Циганката која, качена на бочвата, извиткуваше со телото некаква своја, огнена игра. Сликата беше уште помиловидна, зашто од оваа далечина нејзината фигура изгледаше минијатурна, како да е ретко успешна играчка што дејствува скоро животно вистински. А сепак таа беше навистина вистинска. Го расчепка жарот и почна над него да ги врти прачките со месото, што започна да чрчори и силно да мириса. Тој мирис му ги дразнеше ноздрите и го тераше почесто да погледнува кон картата. Не мислејќи на лозјето од другата страна на голината, Мате усрдно се зафати околу месото кое за десетина минути, што нему му се видоа мошне долги, беше печено. Го викна детето и му ја даде едната прачка. „Имаш цело да го изедеш“, рече Мате, „или сосила ќе ти го пикнам в грло.“ „Зар да не го изедам!“ одговори детето и љубо-питно погледна кон картата. Мате се насмевна. „Пивни малку“, рече Мате. Детето ја остави прачката со месо преку торбата и со двете раце ја натегна картата. „Добар си“, рече Мате. „Доста“. П Р В Д Е Л (Големо патување) Џвакајќи го последното парче, Мате пак се сврте кон лозјето од онаа страна на голината. Сега вратата на камената куќичка беше отворена и тој опцу во себе дека не успеа да го издемне доаѓањето на влезениот. Потоа погледот му го опфати целото лозје и виде како човекот, потпрен на црното стебло од старата цреша, пали цигара. Носеше дебел, црн џемпер и сиви панталони така што, онака потпрен со плеќите на стеблото, изгледаше како срастен со дрвото. Тој полека ја крена главата од невидливото пламенче на клечката и на Мате му се стори дека со погледот го бара токму него. Во еден миг му се стори дури дека им се сретнаа погледите и дека човекот продолжено го гледа право во зениците, настојувајќи да го обесхрабри само со тој свој долг поглед, набиен со силата на голема навреденост што создала несекојдневна омраза. Мате плукна во жарот и го премести погледот на отворената врата од куќата. Мате се прашуваше дали влегол некој внатре. Но од оваа далечина вратата зјаеше како грамадна челуст зад која беше мрак. Погледот на Мате не можеше да продре внатре. Човекот сè уште стоеше потпрен со плеќите на стеблото и на Мате сè уште му се чинеше дека во зениците го боцка оној негов поглед. Така тој си спомна за испупченото чело на Циганот, порабено со острите лакови на веѓите од под кои го стрелаше остар, непријателски поглед. Тоа беше кога се случи главниот настан. Требаше да се одигра финалниот натпревар и целиот тим требаше да се подготвува дваесет дена во спортскиот центар, надвор од градот. Знаејќи го неговиот карактер, сите од управата на клубот будно го следеа секое движење на најдобриот играч од навалната петорка, а на сето згора го имаа наполно придобиено и шефот на шанкот, кој инаку беше затруен навивач и не ќе можеше од лесно да одбие во лимонадата да става и по еден џин. Така Мате издржа цели пет дена, пиејќи лимонади „клот“ и броејќи клечки – дали се чифт или тек – и се помири со фактот дека така ќе се проживее и остатокот од петнаесет дена, кога во воздухот почна да мириса. Нешто ќе се случи, знаеше Мате, во воздухот мирисаше. Само, каков чир ќе пукне? – се прашуваше тој, – а дека ќе пукне сигурно е. И се случи. Попладнето беше таква горештина што се виде дека ништо не бидува од планираниот одмор. „Кој сака, може да оди на базен“, рече тренерот, кого што, инаку, сите го викаа Кондор. Беше одличен фудбалски познавач, но на Мате по малку му пречеше неговиот фудбалски ум, зашто беше само фудбалски. Мате веднаш стана од креветот. „Бифето не работи“, рече Кондорот. „Па што?“ праша Мате. „Колку да се знае“, се насмевна Кондорот. „И, во пет сите на игралиште. Лесен кондиционен.“ Кога има намера да ти го натера срцето в грло, Кондорот обично велеше лесен кондиционен. Но Мате не се плашеше од неговиот лесен кондиционен, зашто се наоѓаше во одлична кондиција. Затоа му рече со иронија, колку да го распали неговиот говорнички импулс: „Многу страшно“. „Знам што мислите вие“, се распали Кондорот. „Мислите дека тие седат под сенка и пијат шприцери ...“ Мате веќе не го слушаше. Им го остави на другите, што га мрзеше да одат на капење. Воздухот беше усвитен и можеше со лесно примижување на очите да се види како се бранува. Претоварените овошки, од двете страни на врвицата што водеше до базенот, фрлаа уморни сенки кои и самите беа топли. Мате скоро се покаја дека тргна. Близу до базенот чу извици кои како да беа насила откинати. Кога дојде до базенот, забележа дека го следат љубопитни очи, вџашени од горештина, но тоа нему не му годеше како на некои од клубот. Не свртувајќи се, тој скокна во водата што беше млака и густа, поплива на плеќи и, не гледајќи ништо, излезе и легна на бетонскиот раб од базенот. Бранот топлина го зафати целиот и тој чувствуваше како под капките вода избиваат нови капки пот. „Овој е тој Мате“, рече некој во близина. Потоа го чу нејзиниот глас. Нејзиниот глас: „Се прави важен. И за него зборувавте цело време! Господи!“ Сега Мате знаеше на што мириса воздухот. „Ела“, рече гласно Мате, не отворајќи ги очите. „Ела, развесели ме“. „Каков безобразлак“, рече нејзиниот глас. Мате гласно се насмеа. Се насмеа и компанијата во близина. Му се стори дека се смее и нејзиниот глас, Мате седна и погледна кон компанијата. Тројца младичи и две девојки, едната грда. „Која беше“, праша Мате. „Погоди“, рече грдата и на Мате му олесна. „Момци“, рече Мате, „кој ќе ми даде една цигара?“ Веднаш му подадоа и тој запали. „До базенот не смее да се пуши“, рече нејзиниот глас. „Веројатно“, се согласи Мате и испушти густ чад. „Што ќе биде ако пушат сите?“ рече нејзиниот глас. „Ќе напишат“, одговори Мате, „купе за пушачи.“ Сите се насмеаја освен таа. „Ајде да не се караме“, рече Мате. „Ох“, рече таа, „колку се прави важен.“ Потоа се случи она. Девојката стана и за Мате тоа беше едно од слатките чуда на овој свет. Бавно ѝ се занишаа колковите додека се протегаше пред да тргне кон водата и тој не можеше да се воздржи да не истегне едно: „Исусе!“ Тогаш девојката го погледна со нескриена навреда во големите, зелени очи, но Мате изгледаше така што нејзината навреденост брзо премина во збунетост. Биса го симна погледот и брзо се упати кон водата. Мате се чувствуваше поразен. „Кај наоѓате вакви девојки?“ рече Мате. „Слободна е“, рече грдата девојка. „Како ќе биде да ме викнете во друштво“, предложи Мате. Младичите на тоа се израдуваа и тој им пријде. Веднаш почнаа да го распрашуваат за претстојниот, финален меч. „Добро ги суредивте црнобелите во полуфиналето“, рече еден од младичите. „Добро ги суредивме“, рече Мате. „Сега се овие на ред“, рече младичот. „Мислам дека се многу горди и, ако за ништо друго, токму за тоа треба да им го скршите носот.“ „Ќе ги суредиме“, рече Мате. „Многу се популаризираат“, рече младачот. „Во градот продаваат слики на играчите.“ „И се разбира, ги купуваат“, рече Мате, божем разжалостен. „Курви“, рече младичот и сите му одобрија. Најпосле Биса излезе од водата. На Мате почна да му игра пред очите додека таа со раце ја бришеше водата од своето тело. „Се разбира“, рече Биса, „зборувате за финалето“. „Аха“, рече еден од младичите. „Како се викате?“, рече Мате. „Бисерка“, одговори таа. „Ме викаат Биса.“ „Не згрешиле кога ви го ставиле името“, се насмевна Мате. „Ох, тој е кавалер“, рече Биса. „Поприродно ќе беше да сум коњ“, рече Мате. Таа ништо не одговори. Тој имаше впечаток дека девојката се засрами. Младичите почнаа со своите безбројни прашања, но Мате гледаше да биде колку што може пократок во одговорите. На Биса ѝ беше здодевно, но одвреме-навреме со прикриено љубопитство погледнуваше кон Мате, како да се плашеше да не го навреди со тоа свое љубопитство. „Да не се знаеме од факултет?“ рече Мате. „Немам чест да студирам на вашиот факултет“, рече Биса. „Знаете“, се замеша еден од младичите, „таа е сериозен човек. Ќе биде истражувач. Ќе ги открие скриените богатства на татковината.“ „Молкни“, му нареди Биса. „Ајде да не се караме“, рече Мате гледајќи ја право в очи. Некој почна да раскажува вицови. Разговорот се промени. Во бркотијата од гласови што настана, Мате успеа од младичот што се викаше Сашо да ги дознае основните генералии за Биса. Времето брзо одминуваше и Мате почна да се подисплашува да не се појави извидницата на Кондорот пред да успее насамо да поразговара со девојката. Затоа, кога тргна таа кон водата, и тој стана по неа. Во базенот таа го избегнуваше, но тој брзо успеа да се најдат лице в лице. „Сега ќе морам да одам на тренинг“, рече Мате. „Па што?“ се насмеа таа. „Вечер ќе дојдеш на терасата?“ рече Мате. „Свири одличен џез.“ „Види те молам.“ Но Мате не се збуни. Тој добро го знаеше ефектот на својата дрскост и затоа и овојпат рече: „Се обложувам со сто спрема еден дека вечер ќе дојдеш на терасата“, и брзо исплива надвор, пред да чуе што ќе рече таа. Лесниот кондиционен на Кондорот се претвори во двочасовен пекол. А кај Кондорот немаше забошотување. За да оцени еден спринт со топка или без топка, воопшто не му беше потребна штоперица. Ајде уште еднаш, момци. Уште еднаш. Уште еднаш. Кога тргнаа кон тушевите, одвај ги влечеа натежаните нозе. Кондорот беше мошне задоволен. „Сега, момци“, им рече Кондорот, „може да се рече дека нешто сме постигнале. Мислам дека ќе ги суредиме како црнобелите.“ Меѓутоа, сите беа толку изморени што дури немаа сила да се насмевнат на неговото претчуство за победа, а кога тој ќе претчувствуваше победа, тоа во никој случај не беа празни зборови. Со спуштањето на мракот, дувна свеж септемвриски ветар. Кондорот стануваше здодевен со своето усрдно контролирање дали секој ќе ја проголта вечерата. Мате постојано гледаше кон влезот на терасата, но Биса таму ја немаше. „Расеан си“, му рече Васко, левиот халф, со кој најдобро соработуваа на теренот. „Така е“, рече Мате. „Што е?“ „Наведни се да ти кажам.“ Младичот се навали со уво кон неговите усни. „Биса“, рече Мате. За овој тоа значеше само обично, женско име. „Нема да дојде“, рече Васко. „Ќе дојде“, рече Мате. „Да ставиме по илјадарка.“ „Прифатено.“ „А Кондорот“, рече младичот. „Ќе му смислам нешто.“ Џезот свиреше долга и здодевна мелодија. Мате почна сè да го нервира. И џезот, кој до оваа вечер му изгледаше одличен. Сега сакаше да ги испцуе музичарите – едноставно му одеа на нерви со своето настојување да го направат весел. „Ако ја нема“, рече Васко, „и ако поради неа губиш илјада динари, подобро ќе биде да ѝ обрнеш внимание на нашава сосетка.“ Мате се сврте и виде десно од себе нешто со голи раменици што личеше на жена. Добра половина од лицето беше скриена во чудната фризура. Од под косата почувствува дека го следи продолжен поглед. „Кое е ова чудо?“ рече Мате. „Влезе во финалето за мис“, рече младичот. „Чао Пикасо“, ѝ дофрли Мате на девојката и се сврте. Биса и Сашо се појавија на влезот од терасата во моментот кога Мате сакаше да му го исплати обложувањето на својот клупски другар. Девојката изгледаше величествено. И без тоа висока, таа одеше со исправена глава, од кое и се потенцираше високиот, нежен врат. Костенливата коса ѝ беше собрана на тилот, така што можеше да ѝ се видат облите раме-ници порабени од јаркото црвенило на фустанот, тесно припиен до телото. Додека Биса и Сашо тргнаа кон една маса засенчена од високиот олеандер над неа, Мате му дофрли на својот другар, кој и самиот беше загледан во девојката: „Нека ти е на здравје. Го изгуби обложувањето“, и стана. „Лажеш“, рече младичот. Мате се сврте и му направи гримаса. Кога го виде, Сашо се израдува, но затоа Биса изгледаше прилично потиштена. Мате мошне изненадено констатира дека и самиот како да се депримира. Џезот сега се обидуваше да погоди во основни линии една најнова мелодија. „Ова е славниот џез?“ рече Биса и го погледна. „Ме засрамија“, призна Мате. Биса и Сашо нарачаа коњак, Мате се задоволи со лимонада. „По својата аскеза“, рече Биса“, „спортистите личат на оперски пејачи.“ „А што да речеме за свилената умереност на децата на универзитетските професори?“ рече Мате. „И тие можат да бидат спортисти“, рече Биса. „Многу сте против спортистите“, рече Мате. „Еден веќе ја разочара“, рече Сашо. „Бездруго слаб спортист“, рече Мате. Биса го погледна продолжено Сашо, и во сенката на олеандерот на Мате му се стори дека таа црвенее. „Будало“, рече Биса. „Признај“, не попушташе Сашо. Ситуацијата ја спаси келнерот што ги донесе пијалаците. На другиот крај од терасата, потпрен на железната ограда. Кондорот будно ги следеше сите играчи. На Мате му дојде да стане и да го фрли од другата страна на оградата. Оркестарот засвири блуз. Тоа беше добар блуз и момците во оркестарот добро се носеа со него. „Каварадоси“, рече Биса, „како ќе биде да поиграме?“ Мате стана. Кога ја префати околу половината, му се стори дека ќе изгуби свест. „Зошто“, рече тивко Мате, „зошто сакате да ме навредите?“ Таа молчеше и Мате почувствува дека сосем малку му се приближува, како да губи рамнотежа во бавниот ритам. „Зошто?“ рече пак Мате. „Не знам“, рече Биса. Мате се почувствува во иницијатива и почна да се предупредува себеси да биде прибран, надмоќен. „Недостојно е“, рече тој, „ќерка на универзитетски професор да познава некој што се издржува од нозете, играјќи фудбал.“ „Немојте“, рече Биса, „тоа е неинтелигентно.“ „Ете“, рече Мате, „веќе сум глуп.“ „Зошто сакате да ме навредите“, рече Биса. Мате се обиде да ја приближи уште поблиску до себе и во неколку тактови на блузот тоа му успеа. Полека и рече: „Биса, запознав чудесна девојка.“ „Како се вика?“ рече таа. „Биса, запознав чудесна девојка.“ Таа забележливо се оттргна од него. Тој некако успеа да се доближи до неа и продолжи: „Несреќен сум.“ „Зошто?“ „Таа ме презира“, рече Мате. „Дека сум ваков – фудбалер, пцујач, неранимајко, но таа не знае дека имам нежно срце. Знаете, таа е професорска ќерка, а јас сум гол сирак, држи до работи како што се угледот, еден ден ќе биде истражувач.“ Погодокот беше полн. Девојката беше збунета. Мате се почувствува до болка тажен, што беше помешано со чувството на зачуденост поради нечеканото доаѓање на тагата. Биса тоа го почувствува. „Згрешив што дојдов“, рече Биса. Мате изгледаше уште попогоден. Играа молчејќи. „Мате“, рече Биса, „зборувај нешто. Убаво зборуваш.“ „Ти успеа да ме навредиш“, рече Мате. Оркестарот престана. Пред да дојдат до масата, таа рече: „Не сакав да те навредам. Чесен збор.“ Мате веднаш ги забележа двете празни чашки што ги немаше кога станаа да играат. Сашо објасни: „Многу долго свират овие момци. Морав да се закрепам со некој пијалак.“ Мате му нарача уште еден коњак. Сашо почна да раскажува за нечија преголема чуветителност. Тој беше против емотивните. „Ете какви школски другари имам“, рече Биса. „Сила се“, рече Мате. На ова Сашо нарача уште еден коњак. Сега и самиот падна во некаква емоционална преокупација. Раскажуваше за своето верно куче, германски овчар, што соседите сепак го отруле. „Не можам да го прежалам“, рече Сашо. Мате го погледна часовникот. „Сега ќе те викнат“, рече Биса. „Ќе поседам уште малку“, рече Мате. Кондорот почна да ги испушта своите сигнали откај оградата. Тоа го онерасположи Мате. Сашо нарача уште коњак. „Морам да одам“, рече Мате. „Седи уште малку“, рече Сашо. Кондорот ги испрати своите пораки по келнерот. Мате мораше да стане. Се поздравија. „Ќе се видиме?“ рече Мате на поаѓање. „Не знам“, рече Биса. Мате, крајно нерасположен, се качи на катот од мотелот. Сакаше да не се наоѓа на ова место. Во собата беше Васко, веќе расоблечен и читаше некаков авантуристички роман, искривен на креветот во една невозможна поза, но мошне карактеристична за него. Мате почувствува потреба да му рече нешто убаво. „Ќе ми ја земеш илјадарката?“ рече Васко. „Не“, рече Мате. „И ред е“, рече Васко. „За таква девојка треба уште и да придадеш.“ Мате без причина се смешкаше и Васко го гледаше љубопитно. „Среќен си, стари, а?“ рече Васко. „Сум забележал дека имаш повеќе среќа одошто ум. Уште малку Кондорот ќе ја изгасне светилката и ми останува да мислам кој е убиецот, вртејќи се во оваа проклета, врела постела.“ Васко почнуваше со еден од своите лелеци. Другиот ден Мате не го испушташе од своето внимание базенот. Испрати доверлива извидница, а веднаш по ручекот и самиот отрча дотаму. Го најде Сашо сам, со куп спортски весници крај себе. „Се прави важна“, рече Мате. „Аха, се прави важна.“ „Да не постои некој?“ рече Мате. „Мислам дека не“, рече Сашо. За пет часот Кондорот имаше закажано пак лесен кондиционен тренинг. На Мате од самата мисла за тоа му се згадуваше. Горештината беше таква што дури ни на Сашо не му се зборуваше за претстојното финале. Мате не сакаше да мисли на Биса, но нејзината висока, стројна фигура не му исчезнуваше од пред полузатворените очи. Кога наближи пет часот, Мате рече: „Како ќе биде да ја донесеш вечер?“ „Ќе се обидам“, рече Сашо. Кондорот диктираше пеколно темпо на тренингот. Неброени спринтови, неколку круга воедначено, ритмичко трчање, вежби прескокнувања... „Ќе се разболиме“, рече некој. „Ништо не ти е“, рече Кондорот и му предложи уште два спринта. „Како бик си“, му рече еднаш Васко. Мате и самиот беше зачуден – не чувствуваше умора и тренираше толку сесрдно како да сакаше да се казни за нешто. „Добар си“, му рече Кондорот. „Уште три дена не ви давам топка, да загладнете за неа.“ Вечерта на терасата Сашо се појави сам. Кога го виде без неа, Мате се почувствува крајно исцрпен. „Не сака да дојде?“ праша Мате. „Не сака“, рече Сашо. „Меѓутоа, мислам дека и се допаѓаш.“ „Слабо е тоа“, рече Мате. „Кога не доаѓа, слабо е тоа“. Се договорија за утре, да се обиде Сашо да ја донесе на базен. Мате најпримерно пред сите отиде на спиење, но знаеше дека нема брзо да заспие. Мислеше само на неа, како да ја познава многу одамна и како да била негова, па сега го изневерува. Кога дојде Васко и кога внимателно го отвори својот роман под ноќната ламба, претходно завиткувајќи го абажурот со една модра, спортска маица, тој се преправаше дека длабоко спие. Васко спокојно читаше цел час на скудната светлина, не помрднувајќи се во онаа своја чудна поза и тој му завидуваше на тоа негово спокојство. Васко ја дрврши книгата. „Кој е убиецот?“ рече божем сонливо Мате. „Идиотштина“, рече Васко. „Нема убиец. Момата извршила самоубиство. На крај сите излегоа позитивни.“ „Не ти се допаѓа дека нема злосторници?“ рече Мате. Васко се загледа во него внимателно. „Не си спал“, рече Васко. „Целото време не спиеше.“ „Не“, рече Мате. „Не спиев. Целото време не спиеше.“ „Значи, ја голтна јадицата најпосле“, ликуваше Васко. „А мене ме зафркаваше.“ „Ти одбра глупа девојка“, рече Мате. „Види, жити бога“, рече Васко. „Оваа е најубава и најумна, нели?“ „Така е“, рече Мате. „Е, да знаеш тоа само тебе така ти се чини“, рече Васко. „Затворај го чорапот“, рече Мате. „Е-ех“, издивна Васко. „И ти проба од тоа јаболко.“ И, како искусен човек на кој ваквите работи му се прилично здодевни, се завитка во чаршафот и веднаш заспа и тоа негово брзо тонење во сонот на Мате му се виде страшно вулгарно. Сега Мате, во полутемната соба со широко отворен прозорец, почна да забележува нешта кои порано воопшто не допирале до него. Ритмичното и мошне силно дишење на Васко го лутеше, зашто му пречеше да ги следи шумовите што доаѓаа однадвор. Мате стана и се потпре на прозорецот. Топлата ноќ го живееше својот возбудлив живот, составен од безброј звуци, мириси и поместувања на светлината и сенките. Во далечината шумеше големата вода на реката, штурците како улави се довикуваа на сите страни, месечевата светлина и сенките од овоштарникот се пресегаа да се дофатат како брутално разделени љубовници во својата нежност и во тој чудесен свет, по песочната патека под самиот прозорец, Мате како да ги дослушнуваше своите сопствени чекори. Чекореше среде тој концерт од звуци и игра на светлината и сенките и бараше, којзнае кого и којзнае што. На Мате еден момент му дојде гласно да заплаче над судбината на тој човек на песочната патека што бараше во овој добар свет на топлата ноќ и што не наоѓаше, тој свет што беше истовремено и толку негов, толку убав, толку нежен, но и толку страшен со неизвесноста што ја простираше пред него. Но Мате само се насмевна и како самиот да се чукна по рамото, само напред, малечок, само напред, сè ќе биде како што треба, како што имаше обичај да си вели кога остана сам во старата кука што беше ја ѕидал уште дедо му, додека не се свикна на таа своја осаменост. Сега неговата осаменост му изгледаше голема и тешка како никогаш. Биса не дојде во спортскиот центар два дена. Мате ја испитуваше ситуацијата преку Сашо, но овој се што знаеше да рече беше: „Мислам дека ѝ се допаѓаш“. Третиот ден Кондорот најде за потребно својот проклет лесен кондиционен да го одржи в планина. Кога се вратија, околу девет вечерта, на терасата беше Сашо со уште еден младич и Мате дури не му се ни јави. Сега чувствуваше таква болка што застрашуваше првичното чувство кон Биса да се претвори во непријателство. Се разбуди нервозен и нерасположен, снеможен како да не беше спал цела ноќ. Кондорот за дента имаше на програмата одмор, проследен со лесни вежби. Мате и момците од клубот окапаа на базенот. Ни трага од неа. Кон пладне дојде Сашо и на Мате му се виде мошне возбуден. „Вечер ќе ја доведам“, соопшти Сашо. „Се случуваат и чуда“, рече Мате. Сашо го дрпна за голиот лакот. „Ме замоли да ја доведам“, рече Сашо. „И, некако, беше срамежлива како да не ме познава доволно. Јас знам што е тоа.“ „И јас“, рече Мате. Сашо не беше задоволен од овие зборови на Мате. „Се правиш важен?“ „За кога закажавте?“ рече Мате. „Околу седум ќе бидеме на терасата.“ Мате одвај го дочека првиот самрак. Пред седум изрази желба да вечера, што необично го израдува Кондорот. По вечерата, стоејќи потпрен на оградата од терасата, со поглед закован на влезот, Мате се чувствуваше надмоќен и готов за напад. Имаше решено да си одмазди за тешко поминатите денови. Уште на средината од скалите на влезот, на бледата светлина од страничните лампиони, Мате ја забележа промената на девојката. Таа доаѓаше без својата самоувереност и природна гордост. Доаѓаше на место каде што не би сакала да се наоѓа, но Мате знаеше дека таа сепак сама посакала вечерва да биде тука. Тој нејзин, по малку потиштен изглед го налути Мате, посака дури само да ја поздрави, да се насмевне и да исчезне. Сашо како да имаше нешто да каже, да направи некаква своја анализа за да спречи нешто, но всушност целиот беше сконфузен. Биса и Мате главно молчеа, а Сашо неповрзано и нагласено темпераментно раскажуваше за некаква тепачка што се одиграла откако Мате го напушти базенот. Најпосле Сашо се умори. „Ама сте здодевни“, рече Сашо и без објаснување стана. Потем се заврте и рече: „Ќе се вратам брзо“. Мате ја вртеше чашата во своите полузатворени дланки и се чинеше дека секој момент ќе ја испушти. На другиот крај од терасата, на осветлениот подиум, оркестарот свиреше како да работи ангарија и тоа беше очигледно. „Ајде да не се караме“, рече Биса. Беше неумесно. „Јас не се карам“, рече Мате. „Тоа е исто како да се караш“, рече Биса. Тенор-саксофонот избрза за цел такт во еден деликатен трилер и тоа личеше на груба драсканица преку бледото лице на Биса. Мате успеа да ѝ погледне право во зелените очи. „Галениче на мама и тате,“ рече Мате. „Внимавај“, рече Биса. „Внимавај.“ Мате за миг го забележа оној сјај на гордост во нејзините очи, тој сугестивен сјај што ја правеше околината да се чувствува подолу од неа. „Зошто е срамно дека мислиш на мене“, рече Мате. „Не мислам“, одговори гневно Биса. „Охо“, рече Мате и неприродно се искриви. „Мислиш, уште како.“ „Ти реков да внимаваш“, рече Биса. „Со што ме плашиш ти, галениче“, рече Мате. Очите на девојката широко се отворија. Се чувствуваше бессилна и гневна поради тоа. Полека се исправи и Мате сега ја гледаше од профил. Одеднаш силна нежност го обзеде и тој доби желба и самиот да стане, да ја прегрне и засекогаш да остане така, во сенката на розовиот олеандер во цвет. Пред да тргне, не гледајќи во него, со рамен глас, со кој се констатира најобична вистина, како денес е понеделник, прв во септември, таа рече: „Никогаш веќе нема да ме видиш“. И со одмерени чекори се упати кон групата младичи и девојки каде што се наоѓаше и Сашо. Мате гледаше како почна таа да раскажува нешто низ смеа и одеднаш ја сфати целата вистина на последните зборови што ги чу од неа. Не можејќи да се контролира во својата возбуда, тој полека стана и, со заматен поглед, како пијан, се упати кон вратата на мотелот, над која светеше бледа светилка од ковано железо што висеше на дебел синџир. Помина и покрај неголемата компанија што нешто бучно коментираше, го чу и довикувањето на Сашо, но не се сврте кон нив. Продолжи со брзи, но несигурни чекори кон мрачно зјапнатата врата што му ја нудеше осаменоста на собата на катот од мотелот со морбидниот свет од романите на Васко. До решавачкиот меч остануваа уште четири дена и Кондорот сакаше да ги искористи до максимум. Целиот тим се наоѓаше во вонредна кондиција, разработена беше до детали и тактиката, па Кондорот, не зборувајќи многу, со неоткриено задоволство си ја триеше шилестата брада, повторувајќи ја својата основна мисла пред луѓето од управата: „Ако не бидат премногу импресионирани од угледот на противникот, ќе видите што ќе се случи. Ќе не запомнат за долго црвените.“ Мате сега ни со Васко не зборуваше излишни нешта, а овој се однесуваше како човек на кој одамна му се познати таквите работи. На базенот не се појавуваше ни Сашо. За Мате работата стануваше комплицирана. Патеше. И, како да му причинуваше тоа задоволство, ја засилуваше својата мака со неверојатни претстави од својата фантазија. Еден ден пред мечот Сашо се појави на базенот. „Заповедано ми е да не зборувам за тебе“, рече Сашо. Мате само подголтна. „И реков дека си вљубен, но тоа не помогна“, рече Сашо. „Кој ти го рекол тоа да ѝ го речеш?“ се лутеше Мате. Сашо како ништо да не чу, почна да се распрашува за тактиката што ќе биде применета на утрешниот натпревар. „Слушај“, рече Мате, „ме интересира дали постои некој. Многу ме интересира тоа.“ Сашо почна да клепа со своите ненаспани очи. „Постои“, рече Сашо. „Кој?“ „Еден асистент од факултетот“, рече Сашо. „Беше без секакви изгледи, но ти му помогна.“ „Слушај“, рече Мате. „Да не ти е заповедано да го кажеш и ова?“ Сашо направи изглед на навреден човек и тоа успешно. Мате рече дека сето тоа нема врска со нив двајцата, дека тие ќе останат пријатели, дека сега е важно да им се натрие носот на црвените. Денот беше предвиден за одмор и Кондорот само двапати ги изведе на игралиште, колку да се размрдаат. Разговорот со Сашо, мора да си признае, му нанесе силна болка и тоа не остана незабележано од оние што го набљудуваа со внимание. Шефот на шанкот не се воздржа и, додека му ја правеше лимонадата, рече: „Имаш трема?“ „Што ти паѓа на ум?“ рече Мате. „Те гледав некни“, рече човекот, „сјаен си. Нека си биде она копиле стопати репрезентативец, може само бројот на грбот да ти го гледа.“ По вечерата ги собра Кондорот околу себе. Изразот на неговото лице беше свечен и на него не можеше да се забележи ни трага од загриженост. Со одмерен глас започна: „Момци, задоволен сум со вас. Тактиката за утре ја знаете и нема што да ви зборувам повеќе во врска со тоа. Само ќе ви повторам – немојте да ги респектирате многу-многу. Сега сите на спиење и кој сака може да си лешка до десет часот изутрина, никој нема да го вознемирува. Ручек во дванаесет, до петнаесет часот одмор, потоа тргнуваме на стадион.“ Мате прв влезе во собата и седна на работ од креветот. И самиот не забележа кога си ја опфатил главата со раце, потпрен со лакти на колената. „Што си обесил глава?“ рече Васко. „Здодевно ми е.“ „Јас мислам“, рече Васко, „дека утре ќе се прославиме.“ „И јас“, рече Мате. Добар час Мате помина врткајќи се од собата до бањата, кое, и покрај возбудливиот роман, не остана незабележано од Васко. Овој, меѓутоа, не му рече ништо и со тоа сакаше да му даде на знаење дека наполно го разбира. Мате стоеше крај прозорецот. „Ајде биди фер“, рече Мате. „Што?“ рече Васко кревајќи ја главата од страниците на романот. „Велам биди фер“, рече Мате. „Морам да тркнам до градот,“ „Будало“, рече Васко. „Морам“, рече Мате. „Ти треба само да премолчиш. Морам да тркнам до градот.“ „Многу ме интересира како ќе излезеш“, рече Васко. Мате покажа со глава кон прозорецот, а Васко широко ги ококори очите. Собата беше на кат. „По олукот, како во твоите романи“, објасни Мате. „А за назад?“ „Прозорците од нужниците во приземјето се секогаш отворени.“ „Будало“, викна Ваоко“, „знаеш што значи тоа?“ „Аха“, рече Мате и почна да ја соблекува пижамата. „Ти само остави го романот, заклучи ја собата, како да спиеме двајцата, и отклучи кога ќе ти тропнам. Се надевам дека нема да спиеш како заклан.“ Додека да се соземе Васко, Мате беше готов за својата ноќна прошетка. Ја изгасна светилката и пречекори низ прозорецот, цврсто држејќи се за олукот, кој почна да крцка, и тие звуци на Мате му се сторија како пукот од митралез. Спуштањето, иако потешко отколку што си мислеше Мате, сепак беше успешно. Кога тресна со задникот на песокта, го виде на прозорецот Васко. „Да не се повреди?“ просаска одозгора Васко. „Добро е“, рече Мате и се исправи. „Многу среќа, стари“, рече Васко. Мате му мавна со рака. Барајќи ги темните сенки, Мате се упати кон другата страна на мотелот, каде што беше паркингот и каде што дваесет дена стоеше неговиот спортски мотоцикл. Кога се доближи сосем до местото, чу ѕвонка женска смеа. Потоа се насмеа и маж и Мате наполно се олади, зашто тоа без секакво сомневање беше смеата на Кондорот. Се тргна во една сенка и убаво се загледа накај смеата. Потпрен со плеќите на својот автомобил, Кондорот цврсто ја стегаше до себе пејачката од терасата, за цела глава повисок од неа, со дланки цврсто опрени на нејзините колкови, а таа одвреме-навреме се смееше на неговите мечешки ‘рже-ња со кои и ја искажуваше овојата нежност. Од тие неартикулирани звуци, Мате можеше да чуе само по некој збор во кусите синкопи на смеата од пејачката. Се уплаши да не потрае ова долго. Најпосле пејачката се умори од своето смеење и Мате јасно чу: „Си достоја на зборот, сине, и не се заврте околу ниедно од моите момчиња. Јас вечерва морам да ти заблагодарам за тоа.“ „Сега морам да одам“, рече пејачката и без причина се исмеа. „Ме чекаат, можеби ќе ме бараат. Јас сум, знаеш, стари, воспитана женска.“ И пак се исмеа. „Испеј што мораш“, рече Кондорот, „и веднаш доаѓај во мојата соба.“ Пејачката му се истргна од рацете и, кикотејќи се, протрча покрај Мате што беше залепен зад едно стебло. Мајко божја, помисли Мате, ако тргне и овој по нејзините стапки, ќе ме фати жив на легало. Кондорот мирно запали цигара, повлече неколкупати и тргна од другата страна, по главната широка и осветлена патека за терасата. Мате сфати дека сè е во негов прилог – Кондорот нема ни да ги проверува собите. Нека живеат долго газлестите пејачки што ги развеселуваат луѓето, правејќи ги подобри. Мате го туркаше моторот по темницата на паркот, често испуштајќи го и паѓајќи преку него, сè додека не излезе на главниот пат и дури таму го запали и веднаш тргна со полн гас. Во првата телефонска кабина ја пронајде адресата на угледниот професор и веднаш се упати таму. Дури кога стаса пред куќата, сфати дека, всушност, тргнал без јасна намера, не знаеше што сака конкретно да постигне со своето доаѓање. Важно му беше да ја види. Куќата беше на приземје и кат, нова и, колку што можеше да се вида на светлината од уличните светилки, наполно невкусно бојосана во три бои. Мате лесно ја пречекори ниската жива ограда и брзо се најде на тревникот во дворот. Полека почна да ја испитува мрачната куќа. Откај фасадата не светеше ниеден прозорец. Мате тргна на бавно патување околу куќата и во источното крило, на катот, откри осветлен прозорец. Прозорецот беше отворен и од него во дворот не достасуваше никаков шум. Мате се притаи под круната на една кајсија и се обиде да ја оцени ситуацијата во која се најде. Но, центарот за размислување му беше наполно разурнат. Од некаква празна далечина чу како некој го изговори нејзиното име со машка нежност и топлина и се изненади кога го распозна својот сопствен глас. Веднаш потоа на осветлениот прозорец се покажа Биса со распуштена коса што ѝ го покриваше лицето. Мате излезе од сенката на дрвото и застана пред прозорецот. „Излези“, рече Мате. „А, тоа си ти“, рече Биса. „Јас сум“, рече Мате. „Не мораш да се дереш“, рече Биса. „Што сакаш?“ „Ќе излезеш?“ рече Мате. „Ама немој“, пропеа девојката. Мате почна да мрда во место, по улицата помина камион и одеднаш тоа му стана интересно. Биса угодно се потпре на работ од прозорецот и почна продолжено да ја испитува неговата збунетост. „Изгледа дека немаш што да кажеш повеќе“, рече таа. „Ќе излезеш?“ рече Мате. „Ајде патувај, малечок“, рече таа. „Утре те чека финалето.“ „Ќе излезеш?“ рече Мате. „Не“, рече таа. „Морам да мислам на нашиот спорт“, и слатко се исмеа. Мате се почувствува страшно тап и одеднаш почна да му темнее пред очите. Рече дека тој не е никаков асистент на универзитетот и дека плука на таквите тавтабити, рече дека знае едно згодно место во близина, од каде што може да извлече девојка за која не е важно дали е некој асистент или фудбалер, рече, плукна и брзо ја прескокна оградата. Оркестарот во барот во соседната улица вообразуваше дека ја свири „Напуштената долина“, но тоа на Мате сега не му пречеше, иако многу ја сакаше таа мелодија. Просторијата беше полуооветлена и зачадена, шарено декорирана од луѓе што по вкус исцело му припаѓаа на подемот од почетокот на педесеттите години и кои барем виделе првпат кога почнаа да се увезуваат филмови од Запад. На плочата се мачеа двојките со несигурниот ритам на оркестарот. Сè на сè, Мате незабележано се прибра до шанкот и се израдува кога виде дека пијалок точи некаква непозната жена. На едниот крај од шанкот некаков средовечен тип ја цедеше овојата последна чаша никако не успевајќи да се потпре со образот на својата сопствена дланка; на другиот крај, со нападно скрстени нозе, седеше на висок стол мошне нашминкана млада жена. Мате седна на столот до неа, свртувајќи ѝ грб на салата, и веднаш побара коњак. Потоа продолжено ја погледна жената право е очи. „Сама си?“ рече Мате. „Зависи“, рече таа. „Дајте ѝ што пие“, и рече Мате на жената зад шанкот. Електричниот часовник меѓу шишињата покажуваше полноќ кога го смени Мате пијалокот. Заврте на џин, потем едноподруго испи четири фернети. „Не сум многу разговорлив“, рече Мате и побара пиво. „Згоден си“, рече таа. Потем Мате измеша мента и мастика и, преку тоа, мошне амбициозно се зафати со едно шише самоток. „Изгледа ми успеа да се напијам“, рече Мате. „Добар си“, рече таа. „Не си како некои, што се лигават од две чаши.“ Тоа на Мате му поласка. Почнуваше да се чувствува добро. Успеа некако да го види часовникот. Покажуваше еден. Потоа стрелките пак се смешаа. „Како ќе биде да тргнеме“, рече Мате. „Како што сакаш“, рече таа. Мате плати и сè уште беше присебен да почека да засвири оркестарот и да се изгаснат половината светилки. Потоа се најдоа на улица и Мате сè уште не чувствуваше потреба да се потпира на нешто. Само, во стомакот чувствуваше силна жештина. „Наблизу имам оставено мотор“, рече Мате. Таа објасни дека има соба на мансардата отспроти. На Мате му се стори дека во истиот момент се најдоа во таа ниска соба со форма на ромбоид. Мате не можеше да забележи детали. Пред очите му играа предметите. Забележа ниска масичка, софа и, во едниот агол, детско креветче. Полека погледот му се избиструваше. Наѕре во креветчето и виде дебелко црвенокосо детенце во длабок сон. Мате посрамено се тргна. Ги остави на масичката сите пари што му останаа. „Купи му нешто на детето“, рече тој. Таа стоеше негде близу до вратата, со наведена глава. „Проштавај“, рече Мате. „Страшно сум пијан.“ Тргна кон вратата и цврсто ја стегна кваката. „Запомни кај беше“, рече таа. „Наврати некогаш. Не е важно дали имаш пари.“ Мате ја отвори вратата и погледот пак почна да му темнее. Се сврте и ѝ го виде лицето. Му се стори дека остар грч поминува преку него. Потем се фати со левата рака за оградата од скалите и прилично брзо се симна на улицата. Сега жештината во стомакот бе-ше неподнослива. Мате почувствува силна желба да го снема, да исчезне неповратно. Тогаш го чу гласот на Биса како го изговара неговото име. Се сврте и ја виде на тротоарот, веднаш зад себе. Мате не можеше да прозбори. „Зошто си таков?“ рече Биса. Мате бесповратно беше ја изгубил способноста за говор. Таа зборуваше нешто мошне опширно, го спомна и финалето, но од сè тој единствено разбра дека е таа сама дома, дека таму може да се одмори и дека таа ќе го разбуди. И покрај горештината во стомакот, и покрај тоа што беше го напуштила техниката на говорот, Мате почна да се чувствува блажено. Таа го држеше под рака, но Мате се сети да пронајде подобар начин: ја прегрна преку раменици и се обеси на неа. Кога се најдоа во собата што на Мате почна да му асоцира луксузен вагон, тој си спомни за Кондорот, за подотворените прозорци на нужниците во приземјето и ѝ рече: „Разбуди ме во четири“, и веднаш заспа. Следната етапа на неговата свест беше будењето. Одвај ги отвори очите. Над него стоеше Биса, загадочно насмевната. И тој се обиде да се насмевне. „Часот е четири“, рече Биса. Мате стана и овојпат го немаше добро познатото чувство на срам. „Бев трештен“, рече Мате. Откога ги врза чевлите, не можеше да ја крене главата; толку беше тешка, а празна. Биса му донесе кафе и, сè онака насмевната, седна во една од фотелјите спроти него. Мате не можеше да го држи филџанот. „Се разденува“, рече Биса. Мате стана. „Ме презираш“, рече Мате. Таа само се доближи до него, се онака насмевната и, на Мате така му се стори, покорна. Рече дека тој сè уште не е истрезнет, дека изгледа прилично лошо и дека треба веднаш да тргне за мотелот, да се одмори до пладне и потоа да го реши мечот. Мате послушно тргна со несигурни чекори. На вратата таа го бакна и го замоли додека не сврши мечот да не се труди да си спомнува што правел сè во изминатата вечер. „Потем ќе те побарам овде“, рече Мате. Улицата беше наполно празна иако беше разденето. Брзо пројуруваа само камионетите што разнесуваа млеко и пиво по кафеаните. Мате го запали моторот и, без да погледне назад, од место појде со голема брзина. Се провре низ малиот прозорец на еден од нуж-ниците и внимателно и незабележан од никого се качи на катот. Кога го виде, Васко широко ги оџагари сонливите очи, потоа се удри по челото. „Мирисаш на бочва“, рече Васко. „Си се опил.“ „Така е“, рече Мате и како фрлена вреќа се спушти на креветот. „Мајко божја“, лелекаше Васко. „Будало.“ Ја облече пижамата и го замоли Васко да престане. Но, само што легна, му се заврте собата и мораше да стане. Гледајќи кон Васко молежливо, со несигурни чекори се упати кон бањата и веднаш поврати. Му се чинеше дека му се откорнува целата утроба. „Обиди се да заспиеш“, рече Васко. „Ајде, до десет часот биди ми ангел-чувар.“ Мате, меѓутоа, спиеше само до осум часот и стана со истата тешка глава на рамениците и со болки во сите зглобови. Пак поврати и целата соба сега мирисаше на алкохол. За да не го сетат при појадокот, Васко му даде една рака ситни бонбони со ментол и тој ги изеде, непрестајно имајќи впечаток дека устата му е полна со потпалени струганици. „Ти ќе се искакаш“, му рече Васко, „кога никој тоа не го очекува.“ Мате се истушира и се избричи, но тоа ништо не помогна, или речиси ништо. Потоа се симнаа на појадок. Кондорот ништо не забележа. Васко беше во вистински очај. Се обидуваше да го развесели Мате, но овој едноставно му сврте грб и се правеше дека е задлабочен во изјавите и прогнозите во спортскиот печат. Што да се рече за решавачкиот меч? Ниедна лудница не ќе може уверливо да потсети на трибините тој ден, но долу, на теренот, атмосферата беше мошне сериозна – противниците се респектираа. Откако беа избрани страните, Васко му пријде на Мате. „Како си, стари?“ „Малку подобро“, рече Мате. „Мислам дека ќе издржам“. Првото полувреме, впрочем и како што се очекуваше, почна нервозно од двете страни. Нервозно и бавно, претпазливо. Трибините сепак трештеа како никогаш. По десетина минути тегнење, Мате доби една топка во празно што ги крена трибините на нозе, но овојпат беше „краток“, го изневери рефлексот и брзината и тој мошне уверливо симулираше дека е фаулиран. „Курво!“ му рече прославениот халф на црвените. Публиката доби вистиноки хистеричен напад додека тој лежеше на тревата, но судијата очигледно не беше наивен човек, па само покажа со рака дека играта продолжува. Со еден збор, првото полувреме се претвори во обично, нервозно кошкање, а Мате не можеше да издржи ниеден поостар старт во директните судири со мошне амбициозните црвени момци. Но вистинскиот резил почна во второто полувреме. За едно чудо големо, Кондорот не ја прочита ситуацијата на Мате, па изврши темелни корекции во играта на навалната петорка, препуштајќи му го главниот збор токму нему. А тој ништо не разбра од неговите корекции, зашто главата му беше како ќуп полн со растопено олово. Така во второто полувреме дојде на видело конфузната игра на домашната навална петорка. Сите викаа по Мате, најзапалените навивачи, не штедејќи си ги грлaта, го нарекуваа продадена душа, а Кондорот постојано трчаше покрај аутлинијата со раширени раце, покажувајќи со таа поза дека прекарот го носи наполно оправдано. Црвените навалуваа со сè сила и момците од одбраната се бореа како лавови, но се наѕираше и тоа дека нема да издржат докрај. Мате од искуство знаеше дека сега, кога противникот е најсупериорен, треба да настапи пресврт во мечот и знаеше дека токму тој е единствениот човек во таборот на белите што може да го стори тоа. Требаше прво да се смири. Затоа се повлече до центарот на игралиштето и едноставно застана. Белата одбрана одвај се носеше во горниот крај на теренот со црвените ѓаволи. Мате не мислеше на извиците, на пцостите што доаѓаа откај трибините. Само чувствуваше од кусата пауза како му се избиструва видот и како му се враќа онаа малку сила во телото. Кога се почувствува доволно силен за еден спринт со топка, полека се упати кон својата одбрана. Се сврте – од голот на црвените беше оддалечен околу седумдесет метри и на нивната половина имаше само тројца играчи и голманот. На таа страна беше и големиот часовник и Мате виде дека остануваат уште десет минути до крајот. Мате стрпливо чекаше не слушајќи ги навредите од трибините. Потем виде како ја прими Васко топката, викна и таа му се најде в нозе. Рутински елегантно се сврте и таа успешна пируета му ја зацврсти сигурноста во потфатот што беше го смислил: појури кон голот на црвените. Го мина центарот и, по неколку чекори, го нападна славниот халф, но Мате така го мина што овој остана да седи на тревата зад него. Потем ги виде другите двајца како му приоѓаа од лево и од десно во полн трк. Мате се реши за десната страна. Нагло застана и додека двајцата црвени се удрија еден во друг, тој помина десно и набрзо се најде сам со голманот. Не сакаше да ризикува и да шутира; го мина и него и се запре на мрежата од црвениот гол. Тоа публиката ја доведе до делириум, а Кондорот како пресреќно дете седеше на атлетската патека. Во румената приквечерина, на трибините пламнаа факли од стуткани весници. Мате почувствува како го прегрнуваат другарите, како го креваат на раце. Но тој се чувствуваше мошне лошо. Црвените очајно се гледаа еден во друг. Мате успеа да се оттргне од рацете на своите другари и со мирни чекори се упати кон тунелот што водеше под трибините. Кога се најде на атлетската патека, не издржа и поврати. На прашањето од Кондорот мазно излата: „Од десеттата минута сум повреден во стомаков“, и продолжи да се напина. Во близина го чу гласот на радио-репортерот, кој како луд викаше во микрофонот: „Драги слушатели, јас се извинувам за сите остри зборови што ги упатив до нашиот стрелец, зашто дури во овој момент дознав дека од десеттата минута бил повреден в стомак по дивјачкиот старт на противничкиот халф, за кое ви зборував. Сега, при крајот од играта, остануваме без протагонистот на оваа единствена претстава.“ „Оди во кабината и чекај“, рече Кондорот, нежно чукајќи го по плеќите. Мате отиде во кабината, но не чекаше. Без да се истушира, се пресоблече и дури тогаш виде дека не е сам. На вратата стоеше стариот гардеробер кој на фудбалерите од овој клуб им имаше посветено речиси четириесет години од својот живот. „Имам видено нешто слично“, рече стариот. „Не чини?“ „Не чини“, рече Мате. „Беше сјаен“, рече стариот. „Мислам на оној гол. Редок гол.“ „Знам“, рече Мате. Стариот стоеше на врата и внимателно го следеше секое движење на Мате што не беше тешко, зашто тој дејствуваше навистина бавно. „Значи, готово е“, рече стариот. „Готово е“, рече Мате. Потоа ги провери џебовите, најде две илјадарки и едната му ја подаде на стариот. „Напиј се вечер нешто за сметка на овој мој последен гол.“ Стариот ги зеде парите, ги пикна во џебот од своите избелени платнени панталони и му даде знак побрзо да тргне по него. Го доведе до споредниот излез од трибините што обично го употребуваа необјективните судии. Мате не се чувствуваше добро пред таа ниска врата и стариот тоа го забележа. „Ништо не е тоа“, рече стариот. „Те изведувам одовде зашто публиката веќе го напушта стадионот. Така ќе го избегнеш циркусот со носењето на раце до градот.“ Мате кимна со глава. „Ќе објаснам да не те бараат“, рече стариот. „Знаеш кај навраќам. Ќе ми биде мило ако се видиме.“ Мате го извлече некако моторот и веднаш се упати кон куќата на Биса. Паѓаше првиот самрак и на запад небото беше темнопурпурно. „Ти си повреден“, преплашено рече Биса. „Лажат“, рече Мате. „Ништо не ми е.“ „Беше сјаен“, рече Биса. „Ти победи.“ „Доста со тоа“, рече Мате. Свршено е со фудбалот“. Мате остана вечерта тука, но сè што постигна беше согласноста за Големото патување, како што го нарекоа потфатот што го предложи Мате, за да се засолни успешно од сè што е во врска со фудбалот. Решија да тргнат пеш по Македонија. Таа остави писмо за родителите, за да не се грижат кога ќе се вратат од бања, а тој напиша прилично патетично писмо до управата на клубот. Вечераа заедно, но на Мате не му успеа да измоли да биде примен во нејзината соба. Кога остана сам, го обзеде нервоза. Внимателно проверувајќи ја куќата, тој најде во кујната, во приземјето, едно начнато шише вињак, се врати на катот, отпи неколку голтки и легна на плеќи на каучот, претходно наполнувајќи една чаша. Очекуваше да започне раскајувањето, но место тоа Мате се чувствуваше угодно – имаше девојка, имаше некој што е навистина со него. Другиот ден помина во подготовки. Мате не се појавуваше на улица и кога Биса ги донесе весниците, на чии први страници ја виде својата слика, ѝ нареди да ги засолне. До вечерта ги наполнија и ги зашнираа спортските торби. Биса пак го остави сам во собата на катот, а со себе го зеде будилникот. Рано, во мугрите, пред да изгрее уште сонцето, тргнаа. Почнуваше циганското лето и денот беше прекрасен. По беспатиците по кои се движеа мирисаше на изгорен пелин и зрели плодови. Ручаа покрај брз поток од кој Мате, да сакаше да се задржува, можеше да извлече и некоја пастрмка. Биса се држеше добро и, ако продолжеше така, далеку пред зајдисонце ќе стасаа до првиот манастир во подножјето на голата планина што им остануваше за другиот ден. Во првите попладневни часови небото се наоблачи и Мате го засили одот. Така, пред да почне дождот, се најдоа близу до старата споменкостурница, подигната од груб камен. Градбата беше импозантна, но склона на урнување. Тука почиваа коските на кралските воини, но не и кралските коски. Од еден отвор тромо излета був, вознемирен од стапките по камените скали. Биса не го пушти да се симне и да наѕре во костурницата и тие седнаа под стреата со испружени нозе. Таа се потпре со глава на неговите гради и тие долго гледаа како крупниот дожд удираше по изгореното поле што сега беше замрачено. Мате ја милуваше под кошулата нејзината мека кожа и, кога неговата дланка и ги допре градите, таа не се тргна како обично. „Не сега“, рече таа и ги собра нозете, зашто од запуштената стреа почна да паѓа дождовница што набргу се претвори во одвај проѕирна завеса, наместа искината со пукнатини големи како дланка. Потем, кога дувна ветар од северозапад, Мате извади од торбата лесен, волнен свитер и ја натера да го облече. Набргу по ветрот, дождот престана и небото се разведри. Биса ѝ се радуваше на вратената светлина, скокаше по влажната трева околу грубата градба, а Мате се качи на еден камен и гласно соопшти: „Мајко божја, каква девојка ми прати“. Сега воздухот беше свеж и мирисаше уште посилно. Биса посака да се искапе во блискиот поток и му нареди да се оддалечи зад густите врби. Мате се оддалечи, но сепак успеа да ја види и за малку што не падна од гранката на која беше се искачил – толкаво чудо беше голата девојка во зеленилото на безимениот поток. На зајдисонце стасаа до манастирот и низ големата, дрвена порта влегоа во пространиот двор, послан со крупни камења. Мате долго пиеше од студената вода, што обично шуркаше од широките устивки на чешмата, подигната во горниот крај на дворот. Тоа беше добро зачуван, мошне стар манастир со убави и вонредно значајни фрески. Објектот беше ставен под заштита на законот, но тоа беше главно сè што беше сторено за него. Онака отпатен, ѝ беше препуштен на една средовечна калуѓерка, наполно депримирана од осаменост. И сега нигде ја немаше. Ги оставија торбите кај чешмата и се упатија кон црквата да ѝ ги покаже Мате фреските. Во просторијата, поплочена со бел мрамор, од малите прозорци влегуваше скудната светлина на приквечерината и им требаше извесно време да им се привикнат очите на таа светлина. Мате зеде една свеќа и ја запали. Дури тогаш забележаа дека во црквата не се сами. Очигледно дементна старица, со изразито остар профил, клечеше пред една икона, нечујно мрдајќи со усните. Биса се припи до Мате. Старицата немаше намера да го забележи нивното присуство. Тој ја носеше Биса од фреска до фреска, додека не завртија околу внатрешноста на црквата и не се најдоа на излезот. Приквечерното небо во кругот на манастирскиот двор личеше на грамадна вишна, претоварена со крупни плодови. „Која е оваа старица?“ со уплав запраша Биса. Мате објасни. Традиција на манастирот била да лекува душевно болни од блиските села, а некогаш и од цела Македонија. За таа цел во манастирот имало специјални ќелии во кои биле затворани несреќниците. За да биде иронијата поголема, тврдел еден угледен психијатар, кај полесните психотичари оваа терапија се покажува успешна, зашто никаков шок на современата медицина не може да го има ефектот на шокот што го предизвикува наполно мрачната ќелија. Од тие болни и ден-денес во секое време може да се најде по некој во манастирот, но тие секогаш се безопасни. Додека го објаснуваше тоа Мате, во дворот однекаде изникна домаќинката со ведро штотуку измолзено млеко во едната рака. Мате мошне скрушено ја поздрави и Биса за малку што не брбна да се смее гледајќи го изразот на неговото лице. „Мајко“, рече Мате, „ние сме на минување, запаливме свеќа и се помоливме, а ќе му бидеме на бога и вам благодарни ако не примите да преноќиме. Ние сме задоволни и со чардакот.“ Иако беше мошне сериозна и официјална, калуѓерката им се израдува. Сепак, таа строго ги одмери кусите шорцеви на Биса, од кои се протегаа нејзините високи нозе, и рече: „Девојките не треба да одат вака“. „Таа е моја жена, мајко“, рече Мате. „Сеедно, тоа е соблазан“, рече жената. Потем ги поведе до масата што беше поставена под стреата на чардакот и отиде да донесе уште еден стол, а за тоа време Биса успеа да го бакне Мате. „Сјаен си“, рече таа. „Како е првиот ден?“ праша Мате. Биса рече дека е одушевена од првиот ден. Жената беше навистина депримирана, но се покажа дека е всушност добра и гостољубива. Им предложи да вечераат заедно и донесе на масата сирење, кисело млеко и свежа салата од разновиден зеленчук. Се извини дека е тоа сè што има. Тие ја прашуваа за животот во манастирот и таа одговараше мошне кратко. Затоа, пак, со мноу разбирање и мошне пластично кажуваше за грешните луѓе од околните населби. Набргу се стемни и целиот предел потона во мрак, што мошне брзо стануваше сè погуст. До манастирот не беше донесено електрично осветление и старицата се извини за темницата што на Биса многу и се допадна. И се стори дека жената има смисла за хумор. Ноќта беше топла и темна. Пак се подготвуваше дожд. „Овде рано се легнува“, рече во темницата жената. „Можете да појдете во една од собите.“ Биса веднаш ги пронајде предностите на чардакот. „Тогаш одам да ви постелам за да не ги растурате торбите“, рече жената и веднаш потоа се слушнаа нејзините чекори по дрвените скали. „Како што гледаш“, прошепоте Мате, „неизбежно е да бидеме во една постела.“ „Ако сакаш да знаеш“, просаска таа, „толку полошо за тебе.“ Жената брзо се врати со запалена свеќа што им ја остави, се поздрави и исчезна во темнината. Мате ја зеде свеќата и прв тргна по скалите за чардакот. Биса нечујно чекореше зад него. Постелата, направена од неколку јамболии, беше широка и удобна, а чаршафите и во темницата изгледаа снежно бели. Тој се расоблече, легна и ја задржа свеќата крај себе. „Гаси ја свеќата“, рече Биса. „Зошто?“ „Гаси ја свеќата“, повтори таа. Мате си плукна на двата прста и со нив го стегна пламенчето. Сè потона во густ мрак. Го напнуваше погледот, но не можеше да ја види. „Побргу“, рече Мате, „ми здодеа да мижам“. Потоа ја сети како се вовлекува под покривачот, тргајќи се на самиот крај од другата страна на постелата. Мате почувствува немир. Се помести во постелата и ги испружи двете раце кон неа. „Исусе“, прошепоте тој, „ти си сосем гола!“ „Да не си посмеал“, рече таа. „Слушаш, да не си посмеал.“ Мате се збуни и ги тргна рацете. Дланките му беа како опрлени. Одеднаш по небото молсна секавица и Мате за миг ѝ го виде лицето со стиснати очи и со прекасана долна усна, како и дел од голите раменици. Во далечината удри ровја, а нему му се стори дека целата оваа стара градба, заедно со него, се потресува од самите темели. Зелената светлина на нова молскавица ја откри истата слика и старите, поцрнети диреци од чардакот, пак зататни, сега поблиску и Мате се потпре со лицето на голото рамо на девојката што остана неподвижно. Потоа и ги допре усните, лицето, нежната длабнатинка меѓу вилицата и увото. Тој со телото го допре нејзиното тело, го опфати со рацете и тоа одвај осетно почна да се гиба, да оживува. Молскавиците и грмежите зачестија како да доаѓаа од допирите на двете тела. При секој допир се одбиваа и при секој допир тоа одбивање беше сè послабо и послабо, додека не се запреа едно на друго, во првиот момент збунети од таа блискост. Потем грмежите останаа далеку, потонаа во беокрајната темнина на ноќта. Ноќта имаше врели усни, раздвижени слабини и шепи со безброј прсти, ноќта беше гумно со огнен стожер во средината што длабеше и длабеше, а околу него напнато се вртеа испотените колкови на здивените коњи. Во ноќта се врши големата работа на плодот, се бара самата зеница на светлината. Мате ја чувствуваше нежноста на умората. Темницата сега беше уште погуста и на ламарините од стреата одекнуваше шумот на првите дождовни капки. Биса го имаше зариено лицето во неговите гради и тој ѝ ги чувствуваше усните и ноздрите на својата кожа. И ја милуваше косата и чувствуваше дека тоа ѝ годи. Нејзиното невидливо суштество беше како заплашено и нему му се стори дека немоќно се припива до него поради таа застрашеност. Доби желба да ја притисне пак цврсто до себе и да потоне во неа, но се уплаши да не ја повреди, се засрами поради тоа и целиот се олабави. „Сега ќе ме напуштиш“, рече јасно таа. Мате уште еднаш и помина со рака по косата, потем, чувствувајќи ги непрестајно нејзините усни на својата кожа и нејзиниот топол здив што нерамномерно излегуваше Од ноздрете, се вслуша во дождот што зачести. „Ќе сврши нашето патување, нели?“ рече таа. Мате ја помилува по тилот, се насмевна и пак се вслуша во дождот. „Доста ми е тоа професорско галениче, ќе речеш.“ Мате и ја исправи главата, го допре со својот образ нејзиниот. „Не брбори“, рече Мате. „Слушај го дождот.“ Таа пак легна на неговите гради. „Вака ти го слушам срцето“, рече. Мате се измести, ја прегрна со двете раце и така, извесно време, го чувствуваше и нејзиното срце и шумот на дождот во густата, топла темничина. Потоа ништо не слушаше. Кога се разбуди, празнината што зјаеше од чардакот беше сина. Биса ја немаше. Мате рипна и со еден скок се задржа на дрвената ограда од чардакот. Биса седеше на каменот до чешмата во истите оние шорцеви и со свитерот што ѝ го даде кај костурницата. Беше склопчена, со глава положена на вкрстените раце. Лицето не ѝ се гледаше од косата што и беше растурена на сите страни. Преку грмката јоргован беше префрлен чаршаф. „Господе“, рече Мате, „Господе.“ Потоа се симна во дворот. Биса спиеше. Тој внимателно ја прегрна. Таа се разбуди, силно потреперувајќи. „Ќе смрзнеш“, рече Мате. „Морав“, таа покажа кон чаршафот и се насмевна. „Се каеш?“ рече глупо Мате. Таа само се насмевна и потоа стана. „Колку е часот?“ рече таа. „Три. Овде рано се будат.“ Чаршафот беше сув. Го исушил ноќниот, топол ветар. Биса го собра. „Смрзната си“, рече Мате. „Аха.“ Тргнаа по скалите. Мате чувствуваше потреба да каже нешто, но мислите му беа крајно неповрзани. Стануваше се посветло, но сонцето уште го немаше. Биса го намести чаршафот, ги симна патиките и, како што беше облечена, легна под покривачот. „Стопли ме“, рече таа. Мате легна и ја прегрна и дури тогаш сети колку беа премрзнати нејзините голи нозе. Ја милуваше под свитерот и таа брзо заспа. Набрзо потоа во дворот ги чу итрите стапки на калуѓерката. Таа неколкупати одеше до чешмата и се враќаше во приземјето. Потоа половина час одникаде не се огласуваше, па пак се чуја нејзините стапки по дворот. Мате полека се извлече од постелата и набрзина се облече. Девојката спиеше со длабок сон и, гледајќи ја, тој почувствува силна топлина по целото тело. Мора да е ова среќа, помисли Мате, јас сум среќен човек. Голем, среќен човек. И со сигурни чекори се симна по скалите. Љубезно се поздрави со домаќинката и одвај се воздржа да не ја прегрне. Таа беше мошне добра со него му даде чаша топло млеко и отиде во црквата на својата прва, утрена молитва. Мате седна на масата и полека го пиеше млекото, како да е некаков коктел, влечеше чадови од цигарата и преку манастирската порта гледаше во источниот врв на планината, од каде што свечено се поткренуваа клепките на сонцето. Првите сончеви зраци му се впиваа во душата што беше чиста и свежа како самото утро по дождот. „Сакате уште млеко?“ го праша жената кога се врати. „Сакам“, рече Мате. „Прекрасно е вашето млеко.“ Старата донесе за двајцата и седна на столот до него. „Не ти е овде здодевно, мајко“, рече Мате. Старата се насмевна и се загледа негде пред себе. Мате се почувствува незгодно поради своето прашање и мислеше како да го поправи впечатокот. „Секој живот е добар“, рече жената. „Кога се живее.“ Му дотури уште малку млеко и забележа дека Мате ја гледа со љубопитство. „Така зборуваше пречесната игуманија Адријана, бог да ја прости, која проживеа на грешнава земја сто и четири години.“ И тоа не било нејзино, помисли Мате и почувствува сожалување спрема неа. „Да помогнеме нешто“, рече Мате. „Денес е празник, но вие не знаете“, рече таа и сега на свој ред го погледна со сожалување. Потем старицата објасни кој светец на денешен ден бил жив запален во Цариград и кога поминал низ овој манастир. На крајот од своето кажување, таа се просолзи и Мате, дури и на свое големо изненадување, се почувствува потресен. По малку се симна и Биса, мошне бодра. Калуѓерката ѝ се израдува и за целото време додека појадуваа ѝ се обраќајше со ќерко. Кога се упатија кон планината, сонцето беше неколку лакти над источниот врв. Биса постојано нешто кажуваше или го распрашуваше за неговите патувања во странство. Беше расположена. Требаше да го пресечат главниот пат, па да ја фатат стрмнината, најблага за онаа страна од планината. Мате знаеше дека на свијокот се наоѓа малечок мотел во кој сигурно имаше денешни весници. Кога избија на чистинката, каде што требаше да го пресечат патот, Мате подзастана. „Да дрмнам една“, рече Мате. „Напред.“ Во неголемата, чиста просторија, на шанкот веќе стоеја двајца возачи и пиеја ракија со кафе. Мате веднаш сфати дека зборуваат за некнешниот меч. Не им обрнаа внимание на влезените мислејќи дека се странци-автостопери. Едниот го опцу Матета, наре-чувајќи го продадено копиле и нарача уште по една. Биса се насмеа и си ја покри со дланка устата. Мате му даде знак на човекот зад шанкот да дојде. Овој кимна со глава покажувајќи дека разбрал и им рече на возачите: „Господ нека ми е на помош. Не знам како ќе се разберам.“ Приучениот селанец со тетерави чекори дојде до масата и ја сведе главата. „Донеси две кафиња“, рече Мате, „и еден коњак. Коњакот веднаш.“ На човекот очигледно му олесна. Со повесел чекор се врати зад шанкот. Возачите сега го пцуеја Кондорот, зашто многу строго ги држи играчите. Се разбира дека ќе му бегаат, кога прави војна за една чаша ракија. Биса се пресигна на соседната маса, го зеде оттаму весникот и ја сврте последната страна. Човекот го донесе коњакот и рече дека наскоро ќе бидат готови и кафињата. Мате забележа дека повисокиот од возачите се разбира од фудбал. Биса слатко се насмеа. „Што е?“ рече Мате. „Овде пишува дека си исчезнал без трага и дека ќе се продадеш за скапи пари. По овој меч, велат, ниедна југословенска цена не е доволно висока за тебе.“ „Остави ги тие глупости“, рече Мате. „Ајде, продај се“, се насмеа Биса. Човекот ги донесе кафињата. Биса продолжи да чита и пак се насмеа: „Велат дека си бил разгален и со слаб морал.“ „Глупости“, рече Мате. „Новинарски трици“, рече Биса. „Новинарски дорења.“ Мате ѝ рече да не зборува така за новинарите, зашто додека не стане таа истражувач, ќе живеат од новинарството. Тој ќе биде новинар. Еден од возачите се сврте и Мате веднаш забележа како му се изобличи лицето. Очите му се ококорија, а устата му остана полуотворена. Тој покажа со прст кон Мате. „Ене го“, рече човекот зарипнато, го вчепка за рамо својот другар и го сврте. И овој ги ококори очите. Потем лицето на повисокиот, кој прв го забележа, светна од радост. Со крупни чекори се приближи до нивната маса и веднаш се збуни. „Знаев јас“, рече високиот, „знаев дека не си продадена душичка.“ „Сигурно“, рече Мате. Дојде и другиот. „Седнете.“ Двајцата другари, среќни поради поканата, веднаш седнаа и нарачаа. „Немојте да го запиете“, рече Биса. „Па каде вака?“ рече високиот. „Кај едни роднини в село“, рече Мате. „А целиот град го избезуми.“ „Сè ми е преку глава“, рече Мате. „Разбирам“, рече другиот. „Онаа будала“, рече високиот, „ќе ве растера сите. Сака да ве прави калуѓери. И полошо, зашто знаеме ние какви се денес калуѓерите.“ „Немој така“, рече Мате. „Тој е добар тренер.“ „ Шипки! Паничар.“ Се разделија по третата чаша и Мате изнуди ветување да не зборуваат за оваа средба, иако беше сигурен дека веднаш ќе раструбат по фудбалската чаршија. Покрај едно никакво изворче ручаа и долго се милуваа на слабата трева во сенката под големата карпа. Потоа Мате го засили маршот по беспатицата на краставиот камењар и со првиот мрак го фатија врвот на планината препашан со неголем појас борова шума. Пред нив долу се простираше темножолто поле на кое во приквечерината се распознаваа геометриските форми на нивите. Мате ја поведе до малиот, бистар поток што по неколку стотини метри се губеше во камењарот. „Ние сме две млади здрави животни“, рече Мате и легна мешечки, повлекувајќи ја и неа. Ги натопија главите во бистрата вода и пиеја. „Сега ќе направам постела“, рече Мате и почна да крши борови гранки. Биса ја подготвуваше вечерата. Кога накрши доволно гранки, Мате ги нареди во правоаголник, во неколку реда, па ги покри со ќебе. Двете полупразни торби послужија како перници. Од гранките што останаа, тој запали оган. Падна ноќ и тие седеа крај огнот јадејќи ги сендвичите што ги направи Биса. Од белиот облак исплива полна, црвена месечина. Биса ја покажуваше со прст. „Мислев дека од оваа висина може да се дофати со рака“, рече таа. „Продолжи да мислиш“, рече Мате, „и ќе ја дофатиш.“ Кога од огнот остана само жар, легнаа на својата постела што силно мирисаше на боровина и се покрија со другите две ќебиња. Леглото беше сосема добро. Прачките не жулеа, а телата не стасуваа до тврдата земја. „Спиеш?“ рече Мате. „Не“, рече Биса. „Ќе го растуриме леглото.“ „Пак ќе го наместиме.“ На Мате му се стори дека жарта од огништето почнува да се движи право кон неговото лице, дека планината во обидот да се подигне се урива кон полето и дека пак го слуша дождот на ламарината од стреата над чардакот во манастирот. Потем полека сè се врати на своето место и Мате сфати дека, место дождовните кагпки, се огласуваа штурците и дека, место жарта во огништето, тоа рој светулки ја сечат темнината во сенката на боровите. Се врати со лицето на торбата и ја привлече до себе девојката. Таа полека го милуваше по слободната страна од лицето. „Мате.“ „Што?“ „Ништо.“ Таа уште повеќе се припи до него. „Сега треба да знаеш“, рече таа. „Сега треба да разбереш.“ „Сега знам“, рече Мате. Уште зорите ветија врел ден. Место лесна студенина, Мате почувствува на лицето топлина и веднаш помисли како ќе биде кога за неполн час ќе се симнат на рамницата од онаа страна. Полето што го напуштија вчера, уште на утринските зраци почна да ја испарува влагата. „Тешко ќе го поднесеш овој ден“, рече Мате. „Нели не сум галениче“, рече таа. Кога ја поминаа боровата шума, ниско под нив пукна голема рамница што во светлото утро не изгледаше застрашувачки. „Ако одиме западно, по подножјето, до пладне ќе стасаме на реката“, објасни Мате. „Страв ми е да не не издржиш.“ Меѓутоа, Биса издржа. Напладне се најдоа на сочните ливади до реката што ги закриваа густите врби. Во близина, на педесетина чекори, се протегаше патот по кој одвреме-навреме минуваа возила. Засолнувајќи се од патот во врбите, тие најпрвин се искапија во чистата, но топла вода на реката. Потем ручаа и се одмораа во високата трева не обрнувајќи им внимание на свиркањата на возачите на тешките камиони кои само по кругот полегната трева можеа да претпоставуваат дека тука нешто се случува. Кога се исправи Мате и кога почувствува каква горештина удрила над уморната рамница, се поколеба во својата решеност да ја пресечат денес рамницата и следниот ден да ја префрлат планината до езерото. Тогаш виде, на споредниот пат што минуваше од другата страна на ливадата, карван од пет коњски запреги како полека се влече оставајќи зад себе одвај видлива лепеза од прашина. „Станувај“, рече Мате и ги зеде двете торби. За рудата од првата и последната кола од карванот беа врзани мечки, колите беа под покрив од трска и тие отпрвин не можеа да видат никого. Биса беше мошне возбудена. Мате се доближи до средната кола. „Има некој жив?“ викна Мате. Веднаш од отворот се покажа глава на сонлива старица Циганка. „Сакаш да заработиш некој динар, мајче?“ рече Мате. Циганката веднаш се расони. Биса беше стаписана од изненаденост. За чергарите таа знаеше само од романите од минатиот век. „Знаеш да гледаш на дланка“?, праша Мате одејќи зад колата. „И на дланка, и на карти, и на грав“, изрецитира Циганката. Се качија во колата. Внатре не беше таква горештина каква што очекуваше Мате. Освен старицата, во колата имаше уште три деца и едно момче што ги држеше уздите, седнато во сенката под покривот. Откако се изнаприкажува добро наградената старица, која Биса ја следеше со внимание, Мате премина на работата. И подаде скришно уште неколку стотки и ја замоли да ги приберат вечер во нивниот логор. Старицата веднаш се согласи и набргу потоа заспа. Мате и Биса играа доста долго пантомима, потем доста долго Мате ја скокоткаше, а таа го штипеше по опачината на дланката. Приквечерината дувна свеж ветар, карванот запре и од петте коли искокаа неочекувано голем број луѓе, жени и деца. Кога ги видоа придојдените, се разџагорија на својот јазик, но тоа Мате не го збуни. Впрочем, тие набргу почнаа да го чукаат по рамо, а жените и девојките ја опкружија Биса, која беше и збунета, но и се забавуваше. Се наоѓаа во подножјето на пошумената планина што требаше утре да ја минат за да стасаат до езерото. „Ке се напиеме нешто?“ рече Мате. „Ако платиш“, рече еден од Циганите. Мате оцени колку души приближно ќе пијат, издвои две банкноти од тестето, не вадејќи го од џебот, и му ги подаде. „Тие ми се последни“, рече Мате. „И премногу се“, рече Циганот, „брате сладок.“ Две од момчињата ги јавнаа коњите и јурнаа негде во самракот држејќи ги пред себе бинлаците. Со брзина на која може да ѝ завиди и најелитната воена единица, Цигаиите кружно ги подигнаа своите шатори и запалија насреде оган пред уште да стасаат момчињата со бинлаците. Жените ѝ покажуваа на Биса трикови со карти, беа љубезни со неа. Двајца од мажите ги истргаа така колите што мечките да не гледаат во огнот. Подалеку од тоа место, жените запалија друг оган за да зготват вечера и Биса отиде со нив мавнувајќи му со рака на Мате. Наседнаа на камења околу огнот и најпосле бинлаците стасаа. Однекаде изникнаа алуминиумски чамчиња и секој доби по едно. Тоа беше добра, силна селска ракија што мириса на грозје. Мате ја почувствува од јазикот и непцата до стомакот. „Да си жив, господине, што нè почести“, рече некој. „Да ти се живи жена и деца.“ Мате се чувствуваше угодно, ракијата беше добра, компанијата необична, а таму, близу, беше Биса. Од другата страна на пламенот некој запеа, машки, страсно. Циганите ја прифатија песната, а веднаш потоа се наврзаа на ритамот тарабука, кларинет и виолина. Се огласија и жените. Наточија уште по едно чамче. „Ние пиеме твоја ракија“, рече човекот до него, „а ти ќе јадеш цигански леб и ќе спиеш под цигански шатор. Да си жив.“ Невидливиот од другата страна на пламенот започна нова песна, овојпат тажна, и пак сите прифатија. Мате почувствува потреба да ја прегрне својата девојка и со своите соседи го испразни докрај чамчето. „Добар човек си ти“, рекоа Циганите. Наточија уште по едно чамче и започнаа нова песна. Мате чувствуваше дека го фаќа ракијата, но, место да го загрижува, тоа му причинуваше задоволство. По едно време жените донесоа три тепсии јадење и околу секоја се направи по еден круг. Децата, девојките и момчињата јадеа настрана. Биса седна до Мате и му намигна. Тој и не знаеше што јаде. Вечерата траеше кратко и пак се зазедоа местата околу огништето, со тоа што сега наседнаа и жените. Така Биса се најде до Мате. Тој тргна од чамчето и погледот прилично му се замати. „Замисли“, рече Биса, „ни подигнаа шатор.“ Пламенот сега беше спласнат и Мате успеа да го види пејачот. Тоа беше силен маж што ја заминал триесеттата. Седеше расчекорен, со раскопчана кошула до појасот која му ги откриваше широките гради и напнатите стомачни мускули. Мате му се насмевна, но овој, не свртувајќи го погледот од под напупченото чело порабено со острите лакови на веѓите, пак започна некоја своја песна. Тогаш Мате непретпазливо почна да го милува голото колено на Биса, погледот на пеачот се вкова тука, но Мате тоа не го забележа, продолжи со дланката пругоре, потем ја прегрна девојката околу половината. Дури тогаш забележа дека Циганот ја мери Биса и дека погледот особено му се впива во нејзините голи бедра. „Што гледаш?“ рече Мате. „Гледам“, одговори спокојно овој и отпи од чамчето. И Мате отпи и рече: „Што?“ „Каков пекмез одбрала“, рече Циганот. „Тоа сум јас?“ рече Мате. „Токму“, одговори пејачот и пак отпи. Потоа се исправи покажувајќи ја целата своја силна фигура што цврсто стоеше на нозе: „За неа треба маж“. Мате не го слушаше циганскиот џагор, не ја чувствуваше раката на Биса што го тргаше за кошулата одзади. Се исправи и цврсто застана спроти Циганот. „Јас не сум, нели?“ рече Мате. „Не си. И ќе ти покажам.“ „Покажи, рече Мате. „Оди по мене“, рече Циганот. Џагорот беше мошне силен. Биса нешто објаснуваше, но Мате ништо од сето тоа не разбираше. Тргна по човекот. Овој со своите силни раце сврте една од колите и пред него излезе мечка. Мате дури сега сфати дека ќе се случи нешто многу сериозно, направи напор да се сконцентрира и сè што знаеше се сведуваше на тоа како знае да го избегне погледот на Биса. Пред него искрсна млада Циганка со возбудено лице што го преколнуваше: „Немој, господине. Не се наранети, може сè да се случи.“ Мате сфати сè и ја оттурна со рака. Таа остана лево од него држејќи ги цврсто со спуштените раце рабовите од своите шалвари. Тој настојуваше и успеваше во тоа да не ја чуе Биса; знаеше дека оној силен Циган решил да ја добие вечерва и тој имаше да го спречи тоа. „Гледај“, рече Циганот и Мате почна внимателно да го следи секое негово движење настојувајќи да го усвои и ритамот на тие движења. Циганот ѝ се качи на грб на мечката, се симна и се тргна настрана. Мечката сега беше нервозна. Мате почека додека да се смири и тргна повторувајќи ги сите движења на Циганот. Кога се симна од грбот на мечката и отскокна настрана, животното ‘ржеше и посигаше кон него, но тој беше далеку за шепите со острите канџи и, свесен за тоа, со претерано бавни, безгрижни чекори се упати кон луѓето. Мечката зад него се напинаше на синџирот. Биса му се обеси на врат, но тој ја оттурна настрана и се сврте кон Ци-ганот. „Има уште нешто?“ рече Мате. Сега чувствуваше како го облева пот. Циганот се развика нешто на својот јазик и сите почнаа да се оддалечуваат. Биса остана зад Мате. „Сите на спиење“, викна пак Циганот. „Оди на спиење“, рече Мате, „јас ќе дојдам подоцна.“ „Не те оставам сам“, рече таа. „Да бегаме одовде.“ „Речи ѝ да оди на спиење“, рече Циганот. „Сакам да испијам со тебе.“ „Сега не плаши се“, рече младата Циганка. „А кога сум се плашел?“ се издра Мате мислејќи дека му велат нему. Потоа седнаа двајцата до огнот што загаснуваше и ги наполнија чамчињата. Сега ќе бидам готов, помисли Мате, но тоа веќе не го тревожеше. „Добра ракија“, рече Циганот. „Добра ракија“, потврди Мате. Се чукнаа со алуминиумските чамчиња и отпија. „Ме фаќа“, рече Мате, „ќе мораш да ме одведеш до шаторот.“ „Се разбира“, одговори овој. Потоа викна: „Нема што да се наѕира, муцката ќе му ја скршам кој ќе наѕре.“ Дувна ветар и дигна пепел и искри. „Згрешив“, рече Циганот. „Такво женско бара маж што ќе знае да го зачува. Ти знаеш.“ „Знам“, рече Мате. „Будали“, рече Циганот. „Женски работи. Дигнаа толку врева од, ништо. Другите ќе ја спречеа мечката да не те сакати.“ Испија уште по едно и Мате сепак влезе во шаторот без да го придржуваат. Цела ноќ Мате сонуваше бистри, студени извори, брзи, пенливи потоци и манастирски чешми. Најпосле се разбуди и се почувствува наполно исушен од некаква силна, внатрешна топлина. Место плунка, во устата чувствуваше остатоци од горчливо, лепливо тесто. Место извори, потоци и чешми, го дочека мрак и му требаше цела минута да разбере каде се наоѓа. Полака, внимавајќи да не ја разбуди Биса, се извлече надвор со затворени очи и свежиот воздух како да му врати дел од изгубените сили. Не без напор широко ги отвори очите, се исправи, но нозете му беа наполно несигурни, а стапалата како да му беа од сунѓер, зашто беше спал сосе спортските патики. На замраченото небо без ѕвезди се појавуваа првите морави појаси на муграта и видливоста беше доволна да може Мате да се ориентира во просторот. Пред него, преку рабовите на шаторите од разновиден материјал, се пружаше измачена рамница што во ноќта дошла до здив. До колите лежеа мечките со главите на страшните шепи. Мајко божја, мислеше Мате, ќе умрам за вода. Кога доаѓаа, тој виде негде извор, но не можеше да си спомни каде. „Те спотерало и тебе?“ чу Мате и се сврте. На изгазената патека во тревата, лево од него, стоеше неговиот сноштен другар и носеше бокал во едната рака. „Добро си издржал“, рече овој. „Мене ми е втор бокал од сношти.“ „Изгорев“, рече Мате и го зеде бокалот. Пиеше со големи голтки од тешката рамничарска вода, но никогаш толку убава вода не пил, таа просто навлегуваше во секоја клетка од неговиот организам. Почна да се чувствува подобро. Му го врати бокалот и предложи: „Да испушиме по една.“ Седнаа на камењата крај огништето и Мате ја из-вади од џеб смачканата кутија од цигари. Запалија. Мате гледаше во небото што стануваше сè посветло. Пак пиеше вода. „Сакаш да испиеме по една“, рече Циганот. „Клин со клин.. .“ На Мате му дојде да го ѕвекне по вилица, но место тоа уште еднаш го крена бокалот со вода и го виде сега осветленото, скоро безбојно небо. „Се лутиш за она сношти?“ рече Циганот. „Не. Не се лутам.“ „Знаеш“, рече Циганот, „имаш страшна жена. Не се гледа тоа секој ден. Да беше од мојата сорта, ќе ти ја побарав за една вечер.“ На Мате пак му дојде да го ѕвекне, но место тоа само подлабоко повлече од цигарата. „Ах“, рече Циганот, „зошто не си човек од мојата сорта.“ Седеа тука молчејќи некое време, испушија уште по една цигара и во меѓувреме наполно се раздени. Над рамницата пукна силна светлина. Набргу потоа логорот оживе и сите се однесуваа како да не се случило сношти ништо. Логорот остануваше тука со неколку старци и со децата, а другите се распределија на групи за „работа“ по блиските села. Од Циганите зедоа само леб и го фатија патот кон планината. Мате беше мошне сериозен и, и се стори на девојката, мошне мрачен. „Немој да се јадеш за она сношти“, рече таа. „Не се јадам“, рече Мате. „Всушност“, ја продрлжи Биса својата мисла, „ако се размисли спокојно, тоа беше доживување.“ „Добрите жени им се лутат на мажите кога ќе ги вовлечат во нешто вакво“, рече Мате. „Јас не сум добра жена“, рече Биса. „Слушај“, рече Мате прилично разведрен. „Во близина знам едра крајпатна крчма. Како ќе биде да свратиме на кафе.“ „Одиме таму“, рече таа. „Морам со нешто да се разбистрам“, рече Мате како да се извинува. Крчмата беше мошне вкусно наместена во фолклорен стил, што преставуваше прилично изненадување. Ги сретна жена во години на чие лице не беше тешко да се види дека ги гледа со симпатии. Со кафето им донесе и кифли со маргарин и џем. Мате дури сега почувствува дека се смирува и дека почнува да се чувствува дури и угодно. „Сакате да се освежите?“ рече жената и ѝ намигна на Биса. „Се разбира“, рече Мате. Потем, спомнувајќи си дека е рано изутрина, се погледна во огледалото што висеше на ѕидот со нацртана на него реклама од скопската пиварница и се вџаши од својот сопствен лик: беше брадосан, а очите му беа набабрени како презреани сливи и крвјосани. Жената донесе разладен јогурт и Мате одеднаш испи неколку чаши. „Сега е добро“, рече Мате и нарача уште едно, погорчливо кафе. Потем во крчмата влегоа некакви меланхолични странци. „Никогаш нема да се разделиме“, рече Биса. „По сè ова.“ „Мислам дека никогаш нема да се разделиме“, рече Мате. „Глупо ќе биде по сè ова. Мислам дека ние заедно прилично чиниме.“ Кога почна да се спушта приквечерината, се искачија на рудината послана со потсушена трева. Неколку километри пред нив, на приквечерното сонце, сјаеше мазната површина на езерото. Одовде, од рудината, можеа да го видат целото езеро, со неколкуте бели вили по брегот и со големата тераса од ресторанот. Појасот шума околу езерото имаше речиси црна боја. Седнаа на тревата под која се чувствуваше топлината на земјата. Уште не беше наполно паднат мрак кога се симнаа до езерото. Не срамејќи се еден од друг, се искапија зад еден честак од трска. Мате дури успеа да се избричи. Користејќи ја за ориентација светлината од терасата на ресторанот, тие тргнаа кон летувалиштето. Таа светлина стануваше сè поголема и пораспливната и, најпосле, стасаа до паркот на летувалиштето. Мате најпрвин обезбеди една од кампкуќичките по работ на шумата, ги оставија таму торбите и веднаш се упатија кон терасата, зашто Мате изјави дека чувствува желба да се прејаде без одлагање. На терасата немаше многу гости, но беше прилично живо – стасале сите да се запознаат, а келнерите им се обраќаа со ти. На подиумот за оркестарот, Мате виде еден надежен состав на Шпато во кој првата труба ја имаше Чешлар. Тој Чешлар умееше да свири како најпрочуените мајстори, доколку пред тоа не играл, или не закажал да игра карти. Музичарите веднаш го познаа, ги донесоа своите чаши на неговата маса и тој половина час објаснуваше и објаснуваше. . . Најпосле Мате го доби своето ритче печено месо, а музичарите отидоа на подиумот. Прво свиреа една шансона и Мате за тоа време го испразни големиот порцелански сад. Потоа оркестарот ја почна „Есенско лисје“. За среќа, тоа беше мелодија што ни овие момци, на чело со нерасположениот Чешлар, не можеа сосем да ја упропастат. Кога завршија и кога се вратија, Мате рече: „Што сè не направивте да не излезе ништо од „Есенско лисје“. „Сè ми е преку нос“, рече апатично Чешлар. „Гледам.“ Испија малку вино за кое се тврдеше дека е од овој крај и тоа навистина не личеше на вештачко. Потем го убедија Мате да стане и да ја испее пред микрофон „Како цвет се отвора мојата љубов“ и целата работа воопшто не испадна лошо. Доцна изутрината го разбуди Биса и внимателно му ја соопшти веста: разговарала телефонски со старите. Треба да се вратат. Мате нерадо си спомнуваше за патувањето со автобусот во врелиот ден, за враќањето во градот и за првата вечер без Биса. Потем се тргна добро, Мате брзо ги даваше испитите и ја одржуваше врската со спортската редакција. Во екот на есенските дождови го даде и завршниот испит и по телефон ѝ ја јави веста на Биса. По половина час таа дојде во бифето каде што се честеа новите академски граѓани и Мате веднаш забележа дека под нејзината радост има и грижа. Кога компанијата беше под доволна температура, Мате ја праша: „Кажи сега што е?.“ „Ништо“, рече таа. „Ајде кажи.“ „Мате“, рече тивко таа, „нешто има во мене.“ Мате ја префати преку половината и се насмеа. „Се разбира“, рече тој. „Одамна знам да бројам до триесет.“ Потоа излегоа во студената дожделива вечер и вечераа заедно во еден мал, тивок ресторан, какви што имаше пред големиот земјотрес. Кога ќе си спомнеше за нежноста на таа дождлива ноќ од крајот на есента, Мате добиваше детска насмевка преку целото свое лице и самиот се чувствуваше бескрајно добар. Така и сега. Тој се подисправи на церадата, го виде малиот како ја прави својата куќа од земја, потем погледот му се запре на птицата во кафезот. Целата собрана, таа стоеше среде кафезот со глава под едното крило. Очигледно, февруарокиот ден за неа не беше доволно топол. Мате го отвори вратичето од кафезот и внимателно ја извади од него птицата. Му се стори дека нејзиното мало тело трепери во неговите дланки. Ја раскопча кошулата и ја пикна птицата в пазуви. Таму беше топло. Мате пак погледна преку голината, ја виде отворената врата од камената куќа и мракот во неа. Потем внимателно го премести погледот кон средината на лозјето. Човекот сè уште стоеше потпрен на стеблото, но сега погледот не му беше вперен кон Мате. Брадата му беше потпрена на градите и Мате јасно виде како го повлекува последниот чад од цигарата и како го фрла до своите нозе догорчето. Постоја така извесно време, како да размислува нешто многу важно, потем замавна со ногата шутирајќи некоја грутка. Тоа негово движење на Мате му сугерираше дека човекот е обземен од некаква возбуда: тоа шутирање на грутката не беше од рамнодушност или од здодевност. Нека оди по ѓаволите, помисли Мате. Оди по ѓаволите. Мате повлече од картата, но сепак не го одвои погледот од човекот потпрен со плеќите на стеблото и со брадата на градите. Нека оди по ѓаволите. Најпосле човекот се одвои од стеблото. Со наведена глава полека тргна кон куќата. На Мате му се стори дека неговите чекори се колебливи. Меѓутоа, тој сепак одеше кон куќата. Пред вратата малку застана и потоа со цврст чекор влезе. И брзо го снема во зјапнатиот мрак на внатрешноста од куќата. ВТОР ДЕЛ (Сончевина) Мате надена на прачката уште едно парче месо и реши да не мисли повеќе на куќата во лозјето од онаа страна на голината. Додека црцореше месото над жарта, неговиот поглед прелета преку лозјето и се запре на голата рамнина од Циганските лозја. Таму сега имаше голема толпа, зашто беше час кога подгреаните лозари од околните лозја се приклучуваа кон веселата циганска дружина. Убавицата сè уште беше на бочвата, но сега се гледаше само од половината нагоре, зашто бочвата од сите страни беше окружена со луѓе. До Мате достасуваше воедначениот и страстен ритам на тарабуките и продорното пискање на кларинетите по кои благо се нишаше горниот дел од телото на младата Циганка. Од топлината на неговото здраво тело живна и птицата во неговите пазуви и благо го клукна со клу-нот под левата цицка, како да сакаше да му наѕре в срце. Мате преку кошула ја помилува со раката и го врати погледот на огнот, не запирајќи го на влезната врата од камената куќа. Месото беше стасано и тој почна да гризе право од прачката. Потоа дојде малиот со некакви свои архитектонски прашања, Мате му објасни колку што знаеше и детето се врати на купот земја близу до колибата, да ја продолжи својата значајна градежна работа. Мате добро натегна од картата и мислите му појдоа кон малиот. Сега, по сеќавањето за Биса, го чувствуваше детето многу поинтензивно и самиот се чувствуваше добро. И виното имаше убаво дејство врз него, го оживуваше во секоја клетка правејќи ја желна за силни доживувања. Така Мате пак се врати на лозјето од онаа страна на голината. Го доџвака месото и пак отпи од картата. Како изгледа сега таа, господи, мислеше Мате и си ја замислуваше жената што веројатно беше во куќата. Мора да успеало, мислеше, не може кога ќе се случи така да не успее. Тој пак ја смири птицата под кошулата, се вслуша во ритамот на тарабуките и тапаните и решително го крена погледот отаде голината. Ништо не се случи. Во првиот попладневен час целиот простор изгледаше посветол, а земјата и прачките од лозјето поцрни. Мате знаеше дека не за многу таа светлина ќе посини, потем ќе помодри и, кога ќе дојде до една пурпурна нијанса, ќе треба да се испие последната голтка и со крутите нозе да се фаќа патот за в град. Вратата на куќата сè уште зјаеше отворена и темна и го дразнеше Мате со тајната на својата утроба, која за него беше уште како возбудлива. Ќе гледам дури да ми окапат очите, помисли Мате и тргна од картата не симнувајќи го погледот од вратата. Мате ги познаваше поранешните сопственици на лозјето. Тоа беа сериозни, работни луѓе, овдешни. Човекот дури беше добар пријател со неговиот татко, но избегнуваше да зборува со Мате за тоа; тој едноставно тоа чувство на пријателство го пренесуваше на него. Само кога ќе претераше со виното, имаше обичај да рече: „Тоа беше човек. Тоа беа луѓе“, и веднаш втонуваше во некакви свои блажени сеќавања и тогаш не требаше да се чека од него никаков разговор. Зашто, тој во мислите разговараше со некои свои луѓе. Кога чу Мате за продажбата, веднаш му појде в лозје. „Си го продал лозјето“, му рече. „Така мораше да биде“, одговори сериозно овој. „Кому?“ „На некаков јаловак“, одговори човекот и безволно плукна пред себе. „Како?“ „На некаков пензионер“, одговори човекот. „Одвај ако има четириесет, а пензионер. И.ма сега такви, знаеш. Јалов. Не може да прави деца.“ Иако стариот добро го продаде лозјето, чувствуваше непријателство спрема купувачот. Беше сигурен дека во него е вината за бездетниот брак и тоа постојано го нагласуваше, исцедувајќи по малку плукна меѓу жолтите заби. Мате не се интересираше за новиот стопан на лозјето, но сепак чувствуваше спонтана нетрпеливост спрема него. Тој само што го купи, минатата пролет, почна да го преуредува. Најпрвин донесе работници кои безмилосно ја урнаа старата колиба и веднаш ја подигнаа камената куќа што се издвојуваше на целиот рид. Тоа никому не му пречеше, но исто така никому не му се допадна и, уште со подигањето на куќата, си го заработи прекарот Јаловак. За сите околни лозари тој едноставно беше Јаловакот. Целиот рид се сврте против него кога подигна околу лозјето жичена ограда. Луѓето го сфатија тоа како директна навреда и предизвикување, помислија дека тој претпоставува оти се во состојба да го поткрадуваат. Кога поминуваа оттука, по двајца и тројца оддеднаш, со задоволство мочаа на таа ограда. Кога за лозјекопање донесе некакви сезонски работници кои никој жив не ги познаваше, јасно беше дека за секогаш се издвоил од луѓето лозари. Некако во тоа време, првпат во лозјето, се појави и неговата жена. Грубите земјоделци зинаа. Таква беше жената. „Тој свикнал сè да има убаво“, рекоа лозарите. И уште: Треба да се најде некој меѓу нас да ѝ направи што е потребно.“ Мате чу за жената, ги чу коментарите на соседите, но тоа ни малку не го интересираше, иако по навика им одобруваше. Често доаѓаше на лозјето, но не успеа да ја сретне. „Зошто не сум на твоите години?“ му велеа. „И треба помош на жената.“ „Гревота е онаква па да остане без челад.“ „Не може она да не е плодородно.“ Толку слушаше што посака неизоставно да ја види. И така, едно неделно утро го зеде малиот и реши да ја чека, цел ден ако треба. За нивното лозје водеше патека преку малиот поток под голетината од кој лозарите се снабдуваа со вода. По должината на потокот имаше дрвја со корење во водата и под тоа корење Мате со години попусто бараше риба. Дури беше помал лозарите, а и татко му, жестоко го пцуеја, а често и го швркнуваа со прачка по босите нозе, зашто непотребно ја разматуваше водата. Но тој упорно матеше и матеше и сè повеќе се уверуваше дека во потокот мора да има риба. Кога веќе стана момче не го пцуеја и не замавнуваа со прачки, но не без сожалување во гласот забележуваа: „Ене го, пак заматил.“ Кога тоа светло, неделно утро, загази во потокот, сосем блиску до врвицата, пак го обзеде она чувство дека под лигавото корење ќе ја напипа замалушавената во матното риба. По поздравот, првиот човек што помина, го погали по косата детето и рече: „А ти матиш. Ако, мати, мати. . .“ „Овојпат не ќе е попусто“, рече Мате. „Будало“, се налути човекот. „Кој фатил риба во овој поток?“ „А кој ловел?“ рече Мате. „Ти “ „И ќе фатам, да знаеш.“ „Мати, мати“, рече помирливо човекот. Не гледајќи повеќе во неговата сизифова работа, извади од ткаената торба јаболко и му го подаде на детето. „Детето ти е добро, напредно. И ти беше таков. Мати, но не приучувај го на своите будалштилаци.“ Човекот замина речиси лут. Мате се насмевна и го погледна детето што со апетит гризеше од јаболкото. Имам здраво дете, имам добро дете, помисли Мате. Рано изутрина водата на потокот беше бистра и студена, му ги освежуваше нозете и рацете до над лакти и таа свежина му се пренесуваше по целото тело. Мате како никогаш веруваше дека овојпат ќе најде некоја риба под старото корење. Се занесе во таа своја работа толку што мораше да ја симне кошулата. Малиот со нескриен восхит гледаше во широките, мускулести гради на татка си. Така, дополу гол и со ногавиците засучени до колена, личеше на селски ѕидар-почетник што со нозе размесува кал. Поминаа уште неколцина што со нескриена иронија зборуваа за упорната работа на Мате, но тоа него не го обесхрабруваше – продолжуваше да мати и да буричка под корењето, а потокот набрзо се бистреше. На падината под потовот чу женски глас, не многу силен, но совршено јасен и Мате се исправи. Од рацете, скоро од раменици, му се цедеше вода. По малку ги виде на патеката. Човекот одеше напред, а неколку чекори зад него жената. Мате веднаш воочи дека има густа, црна коса, собрана во кок на тилот кој јасно се гледаше и отпреди, зашто жената, поради угорницата, одеше со наведена глава. Покрај тоа, во таа нејзина наведеност, во црвеноцрните квадрати на машката кошула што ја имаше на себе, се откриваа нејзините изразито големи гради, удобно сместени во кошулата и, како кај неизмолзена коза, тешко, но ритмично се помрднуваа при секој чекор ту на едната, ту на другата страна. Кога се искачија на рамнината пред потокот, жената се исправи, длабоко прими воздух и сега градите ѝ станаа просто грамадни, со кое се истакна и без тоа танката половина. И Мате воздивна токму во моментот кога ѝ ги виде големите, црни очи што гледаа преку неговата глава. Тие не го запреа одот. Човекот го пречекори потокот и не погледнувајќи во него или во детето, без да се поздрави. Исто и таа. Гледана отпреди, жената изгледаше мошне крупна. Иако прилично висока, изгледаше мошне кревка, ластареста. Половината ѝ беше танка, дури несразмерно со прилично широките колкови. Под тенкото здолниште се наѕираше сочноста на бедрата, засилена од елеганцијата на листовите од нозете. Мате остана расчекорен среде потокот прилично долго, додека човекот и жената не ја минаа половината голина, не свртувајќи се зад себе. Потем како посрамен погледна во детето што со една врбова прачка удираше по потокот, криејќи го лицето со слободната рака од водата што се креваше пругоре по секој удар. Мате плукна во потокот. Можеше барем да се поздрави, помисли, тоа јалово копиле.. Можеше барем да поздрави. Потем пак замати и ги брцна рацете под корењето. Во првиот момент му изгледаше неверојатно, но тоа што го допре со дланката од левата рака бездруго беа грбните перки на риба. Убаво му беше познат тој допир. Раката просто му се вкочани од возбуда. Држејќи ја така над рибата, со слободната рака уште повеќе замати. Рибата, свикната на бистра вода, очигледно беше замелушена. Сега Мате со возбуда, но и мошне рутинерски и ги забоде допалецот и средниот прст во жабрата и како на ченгел ја крена над водата исправајќи се и самиот. Рибата мрдаше со целото тело и удираше со опашката, но Мате цврсто ја држеше. Потем замавна и ја фрли на тревата на брегот, доволно далеку да не може да се врати назад во водата. Рибата скокаше високо, сребрено светкајќи на утринската светлина. Малиот од возбуда скокна и падна во потокот. Брзо стана и онака, целиот воден, ја гледаше со широко отворени очи рибата, чии скокови на тревата стануваа сè помали и помали. Кога таа најпосле умре, Мате ѝ провре преку жабрите и устата врбова ветка, го соблече малиот само на гаќички и му ја даде рибата да ја носи кон колибата. Тоа беше добро парче мрена од околу половина килограм и Мате сега се чувствуваше речиси среќен дека успеа да ја улови. Веста веднаш се разнесе по лозјата. Некои и дојдоа да ја видат рибата и Мате сега беше прилично горд со неа. „Упорен си, нема што“, рекоа луѓето. „Сега тешко нам“, рече некој. „Зошто?“ „Свршено е со бистрата вода“, одговори овој. „Дури сега тој ќе почне да мати.“ „Сигурно“, рече Мате. „Ќе го прекопам потокот по целата негова должина.“ „Оваа риба мора да е побудала и од тебе“, му објасни еден на Мате, „штом се заскитала во оној поток и натрапила на тебе.“ Во секој случај, беше весело. Луѓето беа дојдени само да си ги видат лозјата и да поприкажуваат меѓу себе. Утрото беше пријатно, а тие беа далеку од градската врева и прашина. Рибата беше одличен повод да се зберат на едно место и тие тоа и го направија, донесувајќи ја секој со себе и својата ракија. Наседнаа на камења пред колибата, пивнуваа од ракијата и најпрвин разговараа за лозјата. Годината беше мошне добра, а се очекуваше и цените да бидат поволни. „Ти како да си заречен од татко ти“, му се обрати еден на Мате. „Никако не продаваш грозје. Како успеваш, човече, да испиеш толку вино сам.“ „Мошне сум трудољубив во тоа“, рече Мате и луѓето се насмеаја. Потем зборуваа за фудбалското коло што се играше дента и сите си ги извадија ливчињата од спортската прогноза. Тука зборот на Мате најмногу се слушаше. Потоа преминаа на сеќавања за головите што ги имаше постигнато Мате и нему му се стори дека тоа било многу одамна. Летното претпладне бавно минуваше, на свежиот воздух во кој се носеше мирисот на недозреаните плодови, луѓето се чувствуваа угодно и сè повеќе натегнуваа од своите плоски полкилничиња. Го забележаа човекот во лозјето како ја надгледува својата жичена ограда. „Ене го“, рече некој. „Се заградува.“ „Нека оди...“ „Гледа дека сме овде и воопшто нè не. . .“ „Не знам зошто, луѓе, но кога и да го видам, ми доаѓа да го удрам.“ „Гревота е зарад жена му.“ „Исусе, каква жена!“ Оваа реченица се повтори неколкупати. Мислата на жената ги тераше луѓето да упатуваат погрдни зборови кон човекот и тие постојано го наречуваа – тој Јаловак. Најпосле, еден од луѓето објасни: „Освен за гроздобер, никој од нас овде не води жена. Зар не разбирате – тој ја води за да ја покажува. Видете каква жена имам, будали едни, сака да ни рече. Ете што сака да ни рече.“ „Така е кога секое јалово копиле доаѓа до лозје.“ „Тоа нема врска, јас зборувам за жената.“ „Ако.“ „Ако.“ Очигледно го мразеа. Самото негово присуство им одеше на нерви. „Ајде да запееме“, предложи некој, „да видиме дали ќе дојде да се смеша со нас.“ Лозарите прилично долго се нагодуваа која песна да ја запеат, најпосле се нагодија. „Излези Наде барем до порта да ти го видам белото лице. ..“ Пееја лозарите со своите груби и силни гласови и само погледнуваа кон лозјето од онаа страна на голината. Но човекот, мирно и не погледнувајќи кон нив, ја разгледуваше својата ограда, а тоа нив ги дразнеше и тие се посилно и подисонантно пееја: „белото лице, црните очи и тие гајтан веѓи.“ Кога ја завршија песната, изгледаа мошне нерасположени и како да беше меѓу нив некакво чувство на измама. „И не погледна“, рече некој. „Ама сме будали“, дофрли друг. „Пушти го нека оди мајчина му, дај да се напиеме малку.“ Спортската сезона беше во полн ек и Мате беше мошне зафатен, но сепак наоѓаше време да наврати до лозјето. И секогаш, додека ја искачуваше угорницата, мислеше на жената чиешто име и не го знаеше. Во летните попладниња, кога оморината со безброј ситни мониста трепереше во воздухот, тој како во некоја халуцинација гледаше како од нерамниот терен изнуркува жената истурајќи ги своите големи гради во црвеноцрните квадрати на кошулата, ја гледаше како зема длабоко воздух и како одминува пред него нишајќи ја кревката снага со нагласениот задник и колковите од кои се протегаше змиестата линија на високите нозе и воопшто не се трудеше да ги растера тие полуслики, напротив тоа му правеше задоволство и, сеедно што горештината беше неподнослива, тој го засилуваше одот како да ќе го дофатеше материјалниот вид на тие привидувања и така мошне брзо стасуваше до лозјето. Летото беше прекрасно. Секој ден одеа на базенот во спортскиот центар и Мате не без чувство на среќа ги гледаше малиот и Биса, која, и покрај породувањето, домашните работи и учењето, не беше изгубила ништо од својата убавина; таа успеваше да биде во сè онаква каква што сакаше да биде тој, со ништо не покажувајќи дека тоа и претставува макар и најмало оптоварување. Тој сè уште не сакаше да види кај неа промени и таа успеваше да ги нема кај неа, не барем видливо. Имам прекрасна жена, мислеше Мате гледајќи ја како приоѓа кон базенот. Па сепак, кога ќе удреше неиздржливата горештина и кога поради детето тргнуваа дома, Мате си спомнуваше за лозјето, за стрмнините на патот, за страсните, не сосем јасни привидувања на сликите на жената во сончевината и тој немаше сили да ја истисне од себе желбата да не се упати натаму. И така тргнуваше по најголемата горештина, кога сè живо се притајуваше под силниот вршник на летото. Го фаќаше полупразниот автобус за западното предградие, се симнуваше на последната станица и брзо зафаќаше по ридот по кој во тој час немаше ни човек ни птица, ја соблекуваше кошулата и им се препушташе на слатките халуцинации во кои жената нурнуваше од нерамнините на теренот и нејасно се носеше во сончевината, за да се претвори најпосле и самата во сончевина. Еднаш Мате ја виде на потокот и долго не знаеше дали е само привидување во силната сончевина или јаве. Ја забележа кога рамнината пред потокот, со својот раб, му стасуваше до градите и, во случај на потреба, можеше да биде одлично засолниште. Жената стоеше среде потокот расчекорена и синиот, памучен фустан отспреди и беше засучен до појас, така што нозете и беа наполно голи. Бистрата вода на потокот ѝ стасуваше одвај над глуждовите и таа мораше да се наведнува и да заграбува вода со грстови што ја плискаше по нежните столбови на нозете, а потоа со дланките ја симнуваше назад во потокот. На Мате таа слика му се стори невозможна во својата елементарна убавина, па брзо клекна на колена на сувата, топла земја за да се скрие од привидението. На неколку сантиметри од неговите коленици проаѓаше врвца од црни мрави и некои од нив во движење се пареа. Жената сега беше скриена од неговиот поглед и тој убаво се вслуша. Сосем јасно можеше да го чуе шумот на водата што ја црпеа нејзините дланки. Мате се подисправи и пак ја согледа истата слика. Жената беше наполно обземена од водата и нејзиниот поглед не се креваше од потокот. Ги направи истите движења неколкупати, потем го откачи фустанот и му сврте грб. Излезе од потокот, ги пронајде своите сандали во потсушената, полужива трева и тргна по голината, со одмерени чекори. Мате сакаше да крикне од некаква непозната болка, но грлото и целата негова внатрешност беа наполно суви, безгласни. Додека таа чекореше по голината, Мате, несвесен за своите движења, се искачи на рамнината пред потокот и се загледа во небесно сината силуета на жената што како во приказна чекореше низ густата сончевина. Брзиот поток му се чинеше сè уште вознемирен од нејзините преѓешни движења. Тој падна наземи и, како што правеше некогаш кога беше уморен, го брцна лицето во водата и лакомо пиеше со големи голтки. Кога се исправи, погледна пред себе. На средината од голината стоеше жената полусвртена кон него и тој ѝ го почувствува погледот на себе. Ја виде целата одеднаш – од полупрофилот, преку градите и залепениот фустан на водените бедра, до сандалите на голиот камен. Мате направи движење да појде, но не му успеа. Тогаш таа се сврте и продолжи по голиот камењар кон лозјето. Мате почувствува во себе болна празнина, како да е нешто, што го имал или можел да го има, неповратно загубено. Сега барем знаеше со сигурност – нема да се смири додека не ја допре таа безимена жена и можеби затоа само жена, чиста жена во густа сончевина и бистра вода. Инаку летото ќе останеше засекогаш во него, и полека ќе го сушеше додека да го опустоши сосем. Тоа беше голема авантура на летото и немаше никаква врска со позајмените станови во попладневните часови, ни со брборливите дактилографки и службенички кои, кикотејќи се, се соблекуваа под чаршаф и го тераа извесно време да гледа во ѕидот, создавајќи ја така илузијата за тајната на своето тело што, во желбата да се зачува достоинството, ја сметаа мошне голема. Летото течеше во сите негови жили, го држеше заробен во своите пламења и Мате знаеше дека недостасува само таа жена за да оживи тој од своето сопствено пепелиште. Кога ќе ја видеме Биса наведена над својот завршен испит, го обземаше силна потиштеност, поради самиот себе, особено кога помислуваше дека треба да го направи тоа, ако ништо друго, поради неа. Тогаш наоѓаше некаков изговор и бегаше од дома и обично одеше на лозје, седнуваше во некоја сенка и тапо гледаше од онаа страна на голината кон белата камена куќа, но таму обично ја немаше жената. Најчесто го здолгедуваше човекот како со рацете одзади се шета по лозјето, загледувајќи се во пенушките со зазреан ризлинг. Таа само понекогаш и обично во црвените приквечерини ќе излезеше и ќе седнеше на ниско столче пред колибата, држејќи го в скут своето везило. Со првите, по малку бавни бодови во везилото, таа наполно ќе ѝ се оддадеше на својата пипава и фина работа. Остануваше тука околу еден час, потем пак влегуваше во куќата и набргу излегуваше, носејќи на свитканата подлактица мала, плетена кошничка. Ќе разменеа со човекот по некој збор и потоа двајцата се упатуваа преку голината за в град. Мате остануваше сам, седеше уште долго на голата, врела зeмја, сè додека не се појавеше бледата, жолтеникаво-сина месечина. Потоа празен се симнуваше од ридот и во малото бифе на аголот од првата улица на западното предградие испиваше пиво, тапо гледајќи во големиот ѕиден часовник. Успеваше некако да се пикне во преполниот автобус, се симнуваше во центарот што вриеше од луѓе, по несвесна инерција влегуваше во редакцискиот ресторан и, испивајќи еден или два топли вињака, безволно разговараше за изгледите на белите во првенството. Една таква вечер, чекајќи за автобус во западното предградие, ја виде како чекори по бетонскиот тротоар од другата страна на улицата, носејќи нешто под мишка. Тргна по неа, но таа веднаш влезе во една од старинските куќи, што имаше балкон од ковано железо откај улицата, и заклучи дека тука живее. Куќата беше старинска, но обновена и свежо малтерисана, бојосана со бела боја. Мате силно посака да ја помине тука ноќта, но не му остануваше ништо друго освен да пропушти еден автобус и да испие уште едно пиво во бифето на аголот. Најпосле се случи така што Мате почна да останува да спие на лозјето, да се превртува на тврдиот миндер и да се преместува од миндерот на празниот простор пред колибата и обратно, непрестајно слушајќи ги штурците и гледајќи во златната смеа на ѕвездите на чистото небо, меѓу кои достоинствено се движеше полната месечина по својот постојан и никогаш здодевен пат. Уште во мугрите стануваше, ќе испушеше со страст цигара, ќе се измиеше во студениот поток и, преку голината, ќе се вратеше на својата пусија. Прилично рано изутрината човекот и жената ќе се појавеа на рамнината пред потокот и ќе ја пресечеа мирно голината и не погледнувајќи кон него. Тогаш Мате со тешки чекори се симнуваше во градот и навраќаше прво дома. „Ќе имаме чудесно грозје годинава“, велеше. Ќе појадеше нешто набрзина и одеше во редакцијата да ги изготви своите рубрики, непрестајно мислејќи на враќањето во лозјето и на приквачерниот час кога таа излегуваше да везе пред куќата. Едно недблно претпладне Мате го поведе со себе и малиот. Како и обично, се собраа во едно од соседните лозја и започнаа со бескрајните разговори за возбудливиот финиш на фудбалското првенство. Откако отиде Кондорот, на белите од сезона на сезона сè поцрно им се пишуваше и сега одвај вегетираа во дното на табелата, борејќи се за опстанок и со срце и со пари. „Ги позлатија судиите и противничките голмани и пак ништо“, зборуваа лозарите кои беа и пламени навивачи. „Нема веќе играчи како тебе, Мате.“ „Затоа стадионот им е сè попразен.“ Мате и не забележа кога го снема малиот. „Сигурно е на потокот и мати како тебе“, рекоа луѓето. На Мате не му се оставаше разговорот, но мораше да се симне до потокот и да види што е со детето. Тоа навистина беше таму и – не само. Крај него клечеше жената и го милуваше, што очигледно му годеше на малиот, зашто, таа не го галеше како другите, по образите и по косата, туку поминуваше со рацете по неговите цврсти нозе и по телото, зборувајќи му нешто. Кога го забележа присуството на Мате, таа се исправи и тој виде дека ѝ се зацрвуваат образите. „Ваше е детево?“ рече таа. „Да“, одговори Мате. Настана кратка пауза. Потоа жената ја спушти својата дланка врз главата на детето, му ја рзбушави косата и рече: „Прекрасен е. Цврст.“ И уште повеќе се зацрви. Мате ја изгледа прибрано. Не е без триесет години, помисли. „Колку години има“, рече таа. „Неодамна наполни четири“, одговори Мате. „Вие сте женети мошне млад“, рече жената. „Да“, рече Мате и се насмеа. „Поради него.“ Мате сакаше да ја возбуди, сеедно како, да види возбуда, женска возбуда по целото нејзино женско суштество. Затоа рече: „Не сум ве видел со вашето дете. Зошто не го доведете да се играат. Овде е мошне здраво.“ Таа ја симна раката од главата на малиот, како уплашена се обѕрна и на Мате му се стори дека целата потрепери пред да рече: „Јас немам деца“. Мате ја погледна со дрзок, надмоќен поглед. „Треба да имате. Вие мора да имате.“ Жената го погледна в очи и како да се уплаши од неговиот поглед. Мате забележа дека во нејзините движења имаше само нејасен страв, не и навреда. Жената брзо се сврте и тргна по голината кон лозјето со новата бела камена куќичка. Мате ја следеше со поглед сè до средината на голиот простор, кога таа застана и се сврте дополу, како она попладне кога ја затече во потокот. Потем со забрзани чекори продолжи. „Што ти велеше?“ го праша Мате детето. „Дека сум најфин“, рече задоволно детето. „И да знаеш дека си“, рече Мате, го зеде за рака и тргна да поприкажува уште малку со луѓето. Беше задоволен од претпладнето, но и вознемирен од претчувството за она што требаше да се случи. И ќе се случи, помисли Мате. Недела-две пред гроздобер во луѓето влезе немир и тие го користеа секој момент да се најдат во лозјата, да ги гледаат и да го проценуваат родот. Мнозина од нив остануваа ноќе во лозјата, шеткајќи со црвените фенери во темната ноќ како проколнати скитници или собирајќи се на работ од голината на разговор со малку ракија во свежата ноќ. Мате долго седеше пред колибата и жестоко пушеше гледајќи ту во сребреното небо, ту во темниот појас на дрвјата по должината на потокот. Не беше во состојба да се сконцентрира на една мисла; целиот беше испокинат од едно единствено чувство што се преточуваше низ целото негово суштество: да остане еднаш сам со жената. И, место да мисли како ќе постапи, тој се впушташе во бескрајни фантазирања за тоа како ќе изгледа таа средба, измачувајќи го до болка своето тело и дух. Ноќта беше прилично темна и свежа, под голиот, полуосветлен простор се слушаше шумењето на потокот; во далечината крикна грабливка. Прозорецот на белата куќа беше осветлен и Мате чувствуваше силна желба да наѕре и да види што има внатре. Не можеше да го отргне погледот од тоа портокалово парче во белиот ѕид. Најпосле светлината во прозорецот избледе и Мате го виде фенерот во нечија рака пред вратата на куќата. Од оваа далечина не можеше да види дали тоа пред вратата е жената или човекот. Знаеше само дека тие двајцата ќе ја поминат ноќта тука, во лозјето, и таа мисла му нанесуваше тапа болка. Фенерот шеташе меѓу лозите како соблазно око и го мамеше натаму и тој мислеше дека секој момент може да си го загуби паметот, да стане, да ја силува жената во нејзината постела и да се врати ослободен и голем. Фенерот пак се прибра во куќата и пак пламна портокаловото парче на прозорецот на белината од ѕидот. Набргу потоа прозорецот потемне и Мате замислуваше што се случува сега таму. До полноќ шпартаа црвените фенери по лозјата како да се црвените очи на самата страст. Потоа се замре во полноќна тишина, глува и длабока како бескрајна, осветлена бездна. Мате легна на голата земја и заспа. Што и да правеше тие денови пред гроздоберот, постојано мислеше на неа. Каде и да појдеше, во редакцијата или во ресторанот, на улицата со смекнат, кашав асфалт, или по тесната врвица за лозјата, ја бараше неа и се надеваше дека сепак ќе ја види, ќе ја земе за рака и ќе ја поведе некаде во густата сончевина на летото, во превртеното ѕвоно од бел цвет на август чии прашници се сончевите зраци и од кое нема каде и не треба да се побегне. Понекогаш снеможуваше во тие свои барања, се повлекуваше во себе, побаруваше некоја малечка крчма каде што се собираа навивачи на белите и кои неуморно зборуваа за некогаш славните фудбалери и се обидуваше да се опие, но тоа никогаш не му успеа, зашто од силната горчина што ја чувствуваше, пијалокот брзо му се згадуваше. Под изговор дека не сака да ѝ пречи во подготвувањето на завршниот испит, ја оставаше и по цели ноќи сама, неколкупати позајми стан, но тоа само ја засили неговата незаежлива желба за жената. Често вртеше околу нејзината куќа и само еднаш успеа да ја види како разговара со една жена. Се направи дека чека некого и цело време дрско ја гледаше право во црните очи, а таа со прикриен страв одвраќаше на неговите погледи и му се чинеше дека го моли да си оди. И овојпат Мате не откри лутина или навреда во нејзиниот поглед. Жената ја испрати до куќата, а Мате на пристојно растојание одеше зад нив.Кога се заискачува по скалите што водеа на катот, таа срамежливо му кимна со глава, што требаше да биде како поздрав и потоа брзо се искачи. Сега само да ја сретнам сама, мислеше Мате. Само да ја најдам некаде, каде и да е. И Мате секојдревно ги поставуваше своите пусии, главно на патеките што водеа за лозјето, но таа или не доаѓаше или идеше заедно со човекот, врвејќи неколку чекори зад него. Еднаш му успеа да ѝ се јави од своето засолниште и, кога го виде, таа си го покри лицето со раце и се сопна на тесната врвица. Човекот подзастана во одот, се сврте и рече од бас: „Внимавај кај одиш, добога“. Страста во него растеше сè повеќе и повеќе како што се разгоруваше крајот на летото. Мате почна да се плаши да не узрее ризлингот набргу, да не го оберат лозјето и така да не ја види до следната пролет. Излезе напладнето од редакцијата со разработен план. Иако му беше тоа тешко и мошне одвратно, реши да се запознае некако со човекот и така да се најде во нејзина близина. Пладнето беше толку жешко што мирисаше на дожд и тој знаеше дека сега лозарите на ридот се мошне вознемирени, зашто дождот можеше да ја одложи бербата и да го расипе грозјето. Но токму затоа Мате го сакаше тој дожд. Се симна на последната станица и веднаш го сети сонцето на тилот. Ја пресече улицата и уште оддалеку ја виде на балконот. Балконот беше во сенка и таа седеше тука на плетен стол, наведена над своето везило. Усвитената улица беше наполно празна. Како да се заштитува од дожд, Мате ја побара сенката на стреите од десната страна на улицата. Одеше бесшумно сè до аголот на попречната улица, што беше раокопана поради поправки на канализацијата. Тука, во сенката на последната куќа, седеа двајца работници Шиптари и џвакајќи го својот ручек, гледаа отспроти кон жената што не беше забележала дека левото бедро и е дополу разголено. Не обѕрнувајќи се на нив, Мате ја помина раскрсницата и се најде спроти балконот. Таа го почувствува неговото доаѓање и погледите им се сретнаа. „Сама си?“ рече Мате. Таа молчеше. „Ќе се качам горе“, рече Мате. „Не“, изусти жената и го испушти везилото. „Што да правам?“ рече Мате. „Што да правам?“ „Ништо“, рече таа. „Оди си.“ Мате стоеше на сончевата улица со испотено лице, наполно вкочанет. Жената беше во некаква чудна поза на полуисправеност во плетениот стол. Мате најпосле проговори: „Слушај ме убаво. Како знаеш помини сама денес за в лозје. Сама. Ќе те чекам.“ „Да“, прошепоти жената. „Не“, рече станувајќи. Потамина ја отвори вратата и исчезна зад неа. На ламарината од балконот останаа само везилото и клопчето црвен конец. Мате тргна по попречната улица кон ридот. Имаше чувство на сигурност во тоа дека жената ќе дојде. Го чувствуваше сонцето на себе и знаеше дека наскоро од него ќе потече целата насобрана сончевина што набабрено тежеше во неговиот крвоток. Доаѓајќи до багремите што почнуваа со ридот, тој ја симна кошулата и свирна. Свирежот потона во густата оморина на пладнето, не успевајќи да ја расече. Мате брзо се качуваше по стрмнината чувствувајќи ги браздите пот по целото тело. На еден камен виде змија на припек и немаше желба да ја убие. Погоре, кон средината на ридот, недалеку од врвицата, имаше млад бор и тој седна во неговата сенка. Запали цигара и се загледа пред себе. Одовде можеше да го види центарот на градот и потаму, под тешката оморина. Се избриша со кошулата и запали цигара. Ќе дојде, помисли. Ќе дојде. Веќе не се чувствуваше сам и збркан и посака да се впушти во ризична игра. Уште од долниот крај на патеката, мислеше, ќе очекува да излезам. Колку оди погоре, ако не е сигурна дека сака да ме сретне, ќе се расколебува и можеби ќе се врати. Но, ако сака да ме сретне, тоа само ќе ја распламтува нејзината желба. Мате ја згазна цигарата и брзо ја фати патеката пругоре. Пред да се искачи на рамнината пред потокот, скршна вдесно и седна во густата сенка од многуте дрвја, длабоко дишејќи од влажниот, топол воздух. Откако се одмори, се искачи до потокот и се изми дополу со бистрата вода. Пак се врати под дрвјата и се загледа прудолу по патеката за која самиот беше невидлив. Испуши неколку цигари, но на патеката не се покажа никој. Го обземаше нервоза. Помисли дека можеби дошла негде до младиот бор и се вратила. Потоа, откај самиот врв на ридот, го чу јатото гаврани и знаеше дека облаците не се далеку. Полека го пречекори потокот и, криејќи се зад дрвјата, се загледа преку голината. Црни облаци се трупаа над ридот и брзо, иако беа првите попладневни часови, се смрачуваше. Некои од лозарите стоеја немоќно пред своите колиби и гледаа кон облаците. Пред својата бела куќа стоеше и човекот, божем стручно загледан во облаците што се трупаа, но Мате сега не сакаше да мисли на него, не сакаше да знае дека постои. Пак го пречекори потокот и се врати меѓу дрвјата каде што сега беше темно како при прв самрак. На врвицата беше нешто посветло и Мате никако не го одвојуваше погледот оттаму. Јатото гаврани долета на големиот орев близу до засолништето на Мате. Стануваше прилично свежо, оморината се крена и Мате ја облече кошулата оставајќи ја да му виси над панталоните. Ако заврне, нема да дојде, мислеше тој, но сепак не се решаваше да се врати назад, или да се прибере во колибата на лозјето. Ја виде некои триесетина метри под себе на патеката, во синиот памучен фустан, како оди забрзана, гледајќи само пред себе, Мате стана и застана крај патеката. Таа дојде до него, а нему му се стори дека сака да го одмине. Затоа посегна со рака и ја фати под мишка, чувствувајќи ја топлината и мекоста на нејзината кожа на својата дланка. „Пушти ме“, рече таа. „Многу ме измачи, жено“, рече Мате и ја притисна до себе, но таа брзо се тргна. „Многу ме измачи“, повтори Мате. Таа го крена перчето црна коса што ѝ падна на челото. Тогаш почнаа да паѓаат првите капки крупен дожд. „Не сакав да дојдам“, рече жената. „Зошто дојде?“ неумесно праша Мате, „Да не чекаш на дождот“, одговори жената и Мате од нејзиниот глас виде дека е таа всушност многу помлада отколку што изгледа. „Ме жалиш?“ рече Мате. Таа ништо не одговори. Дождот нагло зачести. Тој ѝ ја зеде раката и таа не ја тргна. „Те гледав двапати на телевизија“, рече жената. Мате ѝ ги почувствува цврстите, крупни гради на своите и веќе не можеше да се воздржува. „Ќе не види некој“, изусти зазбивано таа. „Овде на пат...“ Мате ја повлече под круните на дрвјата. По сувите лисја жестоко удираа крупните, густи, дождовни капки и во танки струи се слеваа прудолу. „Пушти ме“, рече таа. „Никој нема да нè види“, рече Мате. Нејзиното тело почна силно да се брани и тоа го навреди Мате. За миг тој попушти, жената се откачи од неговите раце и потрча кон патеката. Гледајќи ја од грб, Мате виде дека косата, што се откачи, и е долга речиси до половината. Дождот удри по неа, но, не обѕирајќи се, таа се искачи на рамнината пред потокот, го прескокна и исчезна од неговиот паглед. Мате тргна по неа и, штом го мина потокот, ја виде како стои на дождот на голиот камењар. Дождот толку силно удираше по каменот што се создаваше густа, водена прашина и се чинеше дека жената лебдее во некаква нестварна, сребрена измаглина. Мате се обѕрна наоколу. Нигде никого. Полека тргна кон неа. Таа се тргаа, небаре ќе побегне, но остана како закована на место. Мате благо ги допре нејзините раменици. „Не можам“, рече таа и се слизна покрај него на каменот. Мате ја покри со своето тело и ја почувствува целата одеднаш, гибава, жива и топла. Го чувствуваше нејзиното длабоко дишење негде во пределот на својата десна клучна коска и нејасните зборови што предушено ги изговараше. Се посилно и посилно се припиваше во него, потем премале и набргу почна истата игра. Мате се созеде дури кога сфати дека таа со темето лежи на неговата страна испружена рака и дека дождот жестоко удира по нивните лица, по градите и нозете. Таа наполно водена лежеше на грб, а синиот фустан како да го немаше никаде; дождот биеше во нејзиното цврсто, убаво и среќно тело. Мате почека да стане прво таа. Го закопча фустанот што на грбот беше станал речиси црн од расквасениот троскот на камењарот и му подаде рака да стане. Кога тој се исправи, го пушти и потрча по голината. Сакаше да викне, да ја врати, да не ѝ допушти да влезе во куќата со таков фустан, но таа само замавна со рака и, пред тој да проговори, ја снема во густата водена прашина што се креваше на камењарот. Мате не сакаше да се засолни во колибата. Се затрча назад кон градот, придржувајќи се за стеблата од дрвјата, зашто неговите нозе не беа сигурни на патеката по која течеа шурки вода претворајќи ја во слизгавица. Оттогаш Мате не ја виде. Летото се смири во него и тој сесрдно им се посвети на секојдневните работи. Имаше успех во новинарството и често го повикуваа на разни усни новини, каде што спортските навивачи го дочекуваа како во неговите најславни денови. Само понекогаш си спомнуваше за тоа како удираше дождот по камењарот претворајќи се во водена прашина, како исчезна таа по голата, камена рамница, како му беа потем нееигурни нозете на сли-гавата патека и колку беше чисто и светло небото кога се најде во подножјето на ридот и како грачеа јатата гарвани што по дождот излегоа од сите страни и во тром лет се враќаа кон ридот, освежен од водата и со посветло зеленило. Тоа сеќавање секогаш побудуваше нежност во него, како претчувство на добрина, особено во мрачните зимски попладниња, глуви и заканувачки со својата празнина. Тогаш Мате, мислејќи на настанот во летниот дожд, за миг ќе ја почувствуваше на себе топлината на летото и самочувството од добро свршената работа, како земјоделец што потреперува при претчувството за нова, плодна година. Се прашуваше дали заврзал плодот и, соземајќи се, како виновник, почнуваше да се врти околу себе како да постоеше опасност да му бидат прочитани мислите од лицето. Кога по гроздоберот пламна едно неочекувано лето во првите недели на есента, Мате појде неколкупати на лозјето, но жената таму ја немаше. Го виде еднаш човекот сам, со неговата опсесија на оградата. Иако беше плодот собран, тој ги затегнуваше жиците со истите оние рамномерни и спокојни движења. Мате се осмели да помине во близина, човекот го забележа, но и не ја поткрена главата. Тоташ Мате се симна кај потокот, ги соблече чевлите и кошулата, ги остави на изгорената трева, си ги засучи ногавиците и почна да мати буричкајќи под корењето, но не оддалечувајќи се од патеката и од местото каде што човекот требаше да го пречекори потокот. Тоа потраа доста, па Мате излезе, седна на брегот, не вадејќи ги нозбте од водата, и запали цигара. По извесно време го виде човекот како го напушта лозјето и се упатува преку голината кон потокот. Мате првпат имаше можност да го набљудува толку долго и да го види сосем одблиску, па затоа со интерес го следеше неговото доаѓање не испуштајќи го од поглед. Човекот беше прилично висок, со мошне широки раменици и цврсти нозе. Кога наближи, Мате забележа дека од слепочниците наназад косата му е наполно бела и дека правилното лице му зрачи со едно видливо, нездраво бледило. Русата коса му беше кусо потстрижена и без сјај од лутите зраци на летото, а под густите веѓи одвај можеше да се распознаат ситните, скоро безбојни очи. Одеше со крупни чекори и со исправена глава. Со својот груб чевел го назгази ракавот на Матевата кошула и со следниот чекор беше на другата страна од потокот и на Мате му се стори дека тежината на неговото тело тапо се урна до него. Човекот, меѓутоа, и не погледнувајќи кон Мате, продолжи по својот пат. Мате се сврте и уште еднаш го виде од грб, додека не исчезна по удолницата. Сепак, не мораше да ја назгази кошулата, помисли Мате. Потоа размислуваше уште малку за таа нема средба и сфати дека се чувствува непријатно, зашто во сето тоа имаше нешто незрело предизвикувачко од негова страна. Потоа, кога се симна во градот, Мате ја гледаше од автобуската станица под око куќата со балконот, но таа во тоа попладне изгледаше безживотна, како ненаселена. Од тој ден Мате не се качи на лозјето, не помина ниеднаш откај западното предградие, но сепак помислуваше на неа и имаше желба да ја види оддалеку: дали е сè уште толку стројна и вита нејзината става, или набабрела од новиот живот во неа. Колку и да се трудеше да не мисли на тоа, сеќавањето сепак беше посилно и тогаш се јавуваше во него ова љубопитство за изгледот на жената, но тој успеваше да се воздржи и да не го фати автобусот за западното предградие. Тоа беше особено силно во мрачните зимски попладниња без снег, но и без сонце, додека седеше во празната редакција чекајќи некоја агенциска вест со која ќе го пополни празниот простор. Седеше обично во старата, разнишана фотелја под големиот прозорец и, кога ќе дувнеше лесниот северец, доволно силен да го растрепери лабавото стакло, му се чинеше дека тоа го повикува далечниот глас на летото. Мате го имаше токму тоа чувство додека седеше на церадата крај огнот од кој сега остана обилна жар. Над пределот се спушташе синевина и почнуваше да се јавува благ, југозападен ветар од кој поткрцнуваа сувите прачки. Високо над голината стоеше во воздухот ветрушка како изгубена мисла, како далечно сеќавање што се вкочанило во свеста и сега се јавува беспризивно за нејасна пресметка. Мате натегна од картата; виното беше студено, со одвај забележлива трпка жица и Мате имаше впечаток дека и самиот ќе почне да се пени. Пиејќи од картата, некако незгодно се искриви и птицата се размрда под неговата кошула. Преташе со нозе и со крилја и со тоа му причинуваше угоден скокот. Тој ја остави картата, погледна кон празниот кафез и му стана жал за птицата. Ја раскопча блузата, потем внимателно ја пикна раката во отворот на кошулата и ги помилува меките перја на птицата. Ја закопча кошулата и, оставајќи ги растворени крилата на блузата, се подоближи до купот жар да ѝ биде уште потопло на кутрата птица што беше далеку од сончевината и зеленилото на својата друга татковина. Вратата на белата куќа во лозјето отаде голината сè уште зјаеше со својата црна челуст, а толпата кај Циганските лозја спласнуваше во своето расположение – сега секој кларинет свиреше своја мелодија и секоја тарабука чукаше свој ритам. Време им е да започнат со кавга, со насмевка помисли Мате спомнувајќи си за празниците кога и тој се смешуваше, ама сосем без потреба и без причина, во општата тепаница делејќи и примајќи удари од сите страни. И ќе почнат, помисли Мате, време им е забележувајќи ги модрите петна во синевината над пределот. Мате се исправи само за миг да види што станува со детето. Направи неколку прилично сомнителни чекори, зашто малиот го правеше својот замок од другата страна на колибата. Детето беше таму и Мате забележа приличен напредок во неговата работа што ја вршеше со малите и спретни рачиња во плетени нараквици што сега беа наполно упропастени. Потем пак се врати крај огнот и седна на церадата. Во картата имаше уште доста вино и Мате требаше да побрза, зашто модрите петна во синевината стануваа сè позабележителни. Отпи неколку голтки и пак го чу благиот југозападен ветар во прачките. Погледна преку голината и потрепери од возбуда. На прагот стоеше жената со спуштена коса и топлијот југозападен ветар ја удираше со неа по лицето. Жената изгледаше грамадна и просто ја исполнуваше вратата со своето тело. На млакиот ветар, со претчуство на пролетна светлина, таа можеше да се раствори како пупка од која ќе излезе голем, розов_цвет. Таа мирно и достоинствено стоеше на прагот и преку голината гледаше кон него. Мате се исправи на колена и му се стори дека за миг, и на оваа далечина, им се сретнаа погледите. Тој нејзин поглед како да молеше да ѝ прости за сторено предавство. Тоа траеше еден неизмерно краток миг. Потем жената се сврте и исчезна во куќата, но Мате се уште ја гледаше во рамката од вратата како да беше слика од некој стар, ренесансен мајстор, од која груба рака го симнува платното, но погледот не може одеднаш да го прими неговото присилно отсуство. Мате прилично брзо се созеде. Тој ја натерал да се покаже, помисли Мате, тој јаловак, таа горда кукавица. Ја донел овде и ја натерал да се покаже, мислејќи дека ќе ја понижи. Мате мошне интензивно мислеше на тоа како изгледала таа сцена, какви зборови употребил тој додека го добил нејзиното признание. Можеби ја тепал, а таа го заштитувала стомакот со раце. Во Мате растеше силна возбуда и од тоа му темнееше во главата, не можеше да ги упати на едно своите мисли. Тој како да го слушаше рапавиот бас на човекот како ја нарекува курва и како замавнува со тупаница, потклекнувајќи и земајќи замав дури одземи. Така успеа да се сконцентрира на човекот и дојде до еден заклучок што го расколеба неговиот првобитен револт и желбата за пресметка. Како се чувствувал тој човек кога под својата дланка ќе го сетел животот на туѓото дете? Мате се раскинуваше помеѓу чувството на љубомора кон таа дланка на топлата школка од стомакот на жената и разбирањето за болката што ја чувствувала таа кога под неа ќе затреперел пулсот на еден непознат и несакан живот. Мате почна да се чувствува исцрпен. Во противречните чувства што го обземаа, сакаше да избега, да исчезне. Сега сè стануваше нерадосно и мрачно. На Циганските Лозја почнуваше тепачка и Мате почувствува неодолива потреба да се најде таму, да се разврти со тупаниците на сите страни, да удира и да го удираат. Меѓутоа, тој нејасно претчувству-ваше дека ќе се случи уште нешто и дека треба да остане каде што е. Вратата се така зјаеше и Мате мирно гледаше во неа. Наоколу ништо не се случуваше. Мате добро повлече од картата и пак погледна отаде голината. Во рамката на вратата за миг заигра набабрената слика на жената и Мате тоа го расположи, почна да се чувствува добро. Мислеше дека неговите претпоставки се поради виното, таа можеби сама излегла да му се покаже. Што може, всушност, да се очекува од еден таков човек и зар таа не ќе може да го смота тој чукан овен со своето здолниште? Мате се чувствуваше добро, југозападниот ветар дуваше сега посилно и ја разгоруваше жарта пред него носејќи му ја топлината в лице. Мате се чувствуваше навистина добро. Сега синевината помина во модро и пределот изгледаше како смален. Дури и гласовите откај Циганските Лозја станаа појасни. Таму сега се водеше вистинска борба и тоа требаше да потрае уште дваесетина минути, кога над ридот ќе се спушти, само за неколку минути, пурпурната наметка преку која тешко гледаа вжарените очи. Мате ја заниша картата и течноста почна да клокоти удирајќи се од нејзините ѕидови. Потоа го расчепка жарот и се наведна со градите кон топлината за да ја почувствува подобро и птицата што сè уште беше во неговите пазуви. И, по едно време, таа силно замрда и успеа да се сврти со другата страна кон топлото. Отпи уште малку од виното и онака, со крената глава, ги чу силните гласови откај Циганските Лозја. Сега кој е умен бега, помисли Мате и, испуштајќи ја картата, погледна натаму. Мешаницата беше општа, сите беа на куп. Така Мате не забележа кога се појави човекот во вратата. Го виде дури кога беше излезен од лозјето. Одеше по голината со мошне цврсти и одмерени чекори и Мате веднаш сфати дека се упатил кон него. Негде кон средината на голината, нарушувајќи го за малку својот рамномерен од, тој се сврте кон куќата, но само за миг и веднаш продолжи со крената глава и со својот цврст чекор. Само да не почне да ми ја продава својата глупа гордост, помисли Мате. Мајко божја, само да не почне со тоа. Ќе морам да му покажам. Кога се подоближи до лозјето, човекот во ôд го поправи џемперот, а на Мате тоа му се виде прилично глупо и смешно. Поудобно се намести на церадата и се загледа во човекот што доаѓаше. Не променувајќи го чекорот, човекот загази во лозјето и се упати право кон Мате. Е П И ЛО Г (Нож) Човекот застана од другата страна на огништето, токму спроти Мате. За да го гледа поубаво, Мате се навали наназад и се потпре со лакти на церадата. Сега можеше да го види цел, без да го преместува погледот, од колената нагоре како потпрен врз темномодриот фон на небото. Му се стори како да забележа извесна збунетост на тврдото лице од човекот и скоро му падна жал за него. „Што има?“ рече Мате. Човекот се подоближи колку за еден чекор и ги рашири нозете. Молчеше. „Како сте?“ се насмевна Мате. Човекот пак се подоближи и застана со расчекорени нозе. Сè уште избегнуваше да го погледне Мате право в очи и мрачно молчеше. Мате почна да се забавува со тоа негово молчење, настојуваше да му ги пронајде очите под густите веѓи и насмевката никако не му се симнуваше од лицето. „Добровечер“, рече Мате. Откако не доби одговор, Мате се насмеа, градите му се растресоа и во пазувите птицата се вознемири. „Зошто дојдовте“, праша сериозно Мате. Му се стори дека човекот прилично длабоко издивна. „Дајдов да те видам“, рече човекот. Почнува со овојата гордост, помисли Мате и тоа сосем го онерасположи. Ќе почне да ми ја покажува својата гордост. „Па“, рече Мате, „ти се допаѓам?“ „Не“, рече веднаш човекот. „Тоа многу ме загрижува“, рече Мате и се на-мести удобно на церадата, испружувајќи ги нозете, така што изгледаше како прилегнат на плеќи, потпрен на цврст потпирач. „На здравје молчење“, рече Мате. „Не го сакам празното дрдорење“, рече човекот. Мате го чувствуваше доаѓањето на опасната возбуда. Затоа брзо рече: „Дојдовте да ме видите и ме видовте. Не ви се допаднав и не знам што чекате уште? Одете си од моето лозје.“ Човекот пак се подоближи. „Јас знам сè “, рече човкот. „Еве среќен човек“, се искриви Мате. „Знаел сè.“ Мате остана потпрен на едниот лакот, а со другата рака ја дофати картата и отпи една голтка, но не го почувствува вкусот на виното. Ја остави картата и пак се потпре на двата лакта и овојпат движењата му беа поотсечни и нервозни. Успеа, најпосле, да ги наѕре ситните очи на човекот од кои го стрелеше горчлива злоба. „Дојде да ме видиш и ме виде“, рече Мате. „Не дојдов само затоа“, рече човекот. Мате се насмевна и почна да го чека одговорот. Но човекот молчеше. „Знам“, рече Мате. „Дојде уште и да помолчиш.“ Човекот си ги лизна усните, но тие и натаму останаа суви. Направи обид да подголтне и од тоа се откина некаков звук од неговото грло како некој со палци да му го кршеше адамовото јаболко. „Не“, рече човекот, „дојдов уште да видам“, и пак нагло, не докажувајќи ја мислата, замолче. „Што да видиш?“ рече нервозно Мате. „Да видам дали вреди да те убијам“, рече суво човекот. Мате извештачено се исмеа и на крај намерно се закашла. Тоа на човекот очигледно воопшто не му се дрпадна. „Многу смешно, нели?“ рече човекот. „Прилично“, рече Мате. Молчењето пак легна на малиот простор помеѓу двајцата. Мате падна во искушение да се вслуша во гласовите што доаѓаа откај Циганските Лозја и да си замислува што се случува сега таму. „Па“, рече Мате настојувајќи гласот да му звучи што посаркастично, „што заклучи? Вреди да ме убиеш?“ „Не“, рече човекот. Лицето на Мате се искриви во неприродна гримаса. Пак извештачено, настојуваше да биде мошне сериозен. „Внимавајте, господине“. рече Мате, „вие ме навредувате.“ „Не чиниш толку, синко“, рече човекот. „Ах, синко“, рече Мате. „Вие продолжувате да ме навредувате, господине.“ „А ти немој“, рече човекот, „немој сосем да ме извадиш од такт.“ „Што ќе се случи тогаш?“ рече Мате. „Ќе те убијам“, рече човекот. „Слушај“, рече Мате. „Како ќе биде да се исчистиш одовде?“ „Не станувај дрско копиле“, рече нервозно човекот и првпат се помрдна вместо. Мате виде како му се поткрена џемперот на десната страна. Во задниот џеб од панталоните, човекот носеше некаков предмет. „Јас копиле?“ рече Мате со стисната уста. „Ти“, рече човекот. Мате ја истегна само главата кон него и продолжено го изгледа. Лицето и очите му беа црвени од вино и од лутина. „Знаеш како те викаат овде?“ рече Мате. По лицето на човекот помина сенка. Мате забележа роса на неговото чело. „Знам“, рече тој. „Па што?“ „Јас копиле?“ рече Мате. „Ти“, рече човекот. „Кога знаеш како те викаат овде“, рече Мате, „зошто не прошеташ со жена ти по ридов? Да им покажеш на сите дека не се во право. Зошто не прошеташ?“ Мате виде како ситната роса на челото на човекот се претвори во видливи капки пот. Кукавица е, помисли Мате. Проклета кукавица. Горда кукавица. И на врат да му газат само ќе се заканува. И тој посака да го види неговиот нож на своето грло и потем како му снеможува раката, како бега надвор од лозјето следен од неговата весела смеа. „Кукавицо“, рече Мате. Човекот се фати за задниот џеб и оттаму извлече долг предмет што ја имаше фармата на буквата Ѕ, со ублажени кукачки. Тоа беше украсен нож, какви што правеа старите мајстори Шиптари, од грубо парче челик и од чифт воловски рогови. Едриот рог служеше за ножница, другиот за рачката. Човекот го држеше во десната рака насреде, па не можеше да се види од која страна е сечилото. „Внимавај“, рече Мате“, „да не ти остане в рака сечилото. Ќе се исечеш. Не е тоа за секого.“ „Што рече?“ рече човекот. „Да не се исечеш“, се насмевна Мате. „Што рече пред тоа?“ „Ах, тоа“, рече Мате. „Реков кукавицо.“ Мате виде како направи лак во воздухот чистото сечило, потем како паѓа човекот на колена како да е во силен, афектен молитвен транс и веднаш потоа на очите му падна непроѕирна, црвена завеса што не можеше да ја дофати со рацете што му се мавтаа во некаква безнадежна празнина. Човекот притискаше со ножот во неговите гради како да беа мермерни. Кога цврстата рака му снеможе, го повлече ножот нагоре и од неговиот врв се откачи нешто крваво и живо и полета над неговата глава. Го виде срцето на младичот како целото крваво лета во модропурпурната приквечерина преку голината и како паѓа преку прагот на камената куќа. Тоа птицата од пазувата на Мате го направи својот последен лет и, пресечена од студениот воздух, падна до самиот праг на куќата зад која стоеше жената со раце на стомакот, загледана во голината по која како споулавен трчаше човекот.